Со измените на Законот за работни односи, породилното отсуство ќе трае околу една година, со можност и таткото да земе отсуство од работа, најави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Во интервју за Алсат, таа порача дека се работи на законско решение што ќе ги унапреди правата на работниците, под кои услови ќе се преминува на договорите на неопределено време на вработување, а ќе се регулира и прашањето за сезонските работници во периодот кога немаат ангажман.
„Поаѓаме од стандардите коишто се воспоставени од Меѓународната организација на трудот и тука се препознаваат три категории: отсуство мајчинство, татковство и родителство. Би бил флексибилен периодот на родителството, да може едниот родител да отстапи дел од правото за тоа родителско отсуство на другиот родител. Ќе гледаме да го најдеме балансот, бидејќи предолгото отсуство на жената од пазарот на трудот ја става во подредена состојба“,
порача Шахпаска.
Шахпаска се осврна и на најавените законски измени за недела неработен ден, кои наскоро треба да влезат во собраниска процедура.
„За вработените во дејностите што се неопходни за функционирање на општеството, обезбедуваме повисока дневница за 50 проценти, но и слободен ден во текот на неделата, додека за вработените во трговските центри, кои ќе работат во една смена, се обезбедува за 100 проценти повисока дневница и слободен ден. Додека два проценти од годишниот промет правните субјекти од овие трговски центри ќе бидат обврзани да ги уплаќаат во државниот буџет. Тие пари ќе се инвестираат за нови градинки“,
рече Шахпаска.
