Политиките на Владата во однос на унапредувањето на човековите права и слободи и демократскиот амбиент, во континуитет се препознавани од релевантни меѓународни организации, вели премиерот Зоран Заев за извештајот на „Фридом хаус“ во кој се нотира демократски напредок, но земјава и натаму е рангирана во групата „преодни или хибридни режими“.
„Напредокот на нашата држава е втор најдобар резултат во Европа, од вкупно 29 земји кои се анализираат во извештајот. Во извештајот е нотирано и дека Владата на премиерот Зоран Заев ги поправа институционалните штети нанесени од десничарските претходници и сѐ уште има шанси да донесе уште демократски придобивки. Извештајот на ‘Фридом хаус’, како и претходните извештаи на ГРЕКО и Стејт Департментот, се силни меѓународни признанија за одговорното, транспарентното работење на Владата“,
напиша Заев на Фејсбук.
Северна Македонија бележи демократски напредок и го зголемила индексот на демократија од 3,75 на 3,82, за разлика од повеќето други земји во регионот, покажува извештајот на Фридом хаус „Држави во транзиција 2021“.
Сепак, и покрај демократскиот напредок, земјава и натаму е рангирана во групата „преодни или хибридни режими“, каде што се опфатени изборни демократии во кои демократските институции се кревки и постојат значителни предизвици за заштита на политичките права и граѓанските слободи.
