Ова е епилогот од повеќемесечната истрага, во која според Обвинителството се обезбедени доволно докази за инволвираноста на лицата во недозволена трговија со оружје и дрога
Меѓу уапсените има и полициски службеник и малолетник над 16 години
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против десет лица, од кои едно е полициски службеник, а еден е малолетник над 16 години. Сите тие се уапсени во денешната акција на полицијата во скопско Арачиново и во Свети Николе.
Против нив Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави и тоа: три лица се осомничени за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, пет лица се осомничени за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, а останатите двајца за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Ова е епилогот од повеќемесечната истрага, во која според Обвинителството се обезбедени доволно докази за инволвираноста на лицата во недозволена трговија со оружје и дрога.
Денеска во раните утрински часови е спроведена полициска акција, при што се извршени претреси во дом и други простории на повеќе локации на подрачјето на Скопје и на една локација на подрачјето на Свети Николе. Притоа, лишени од слобода и приведени се девет лица, меѓу кои и еден полициски службеник, а еден од осомничените веќе се наоѓа во притвор за друго кривично дело.
Во образложението од ОЈО за групата се вели дека двајца од осомничените се организатори на криминалната група која подолг временски период дејствува на територијата на нашата држава и се поврзува со кривични дела како недозволена трговија со оружје, муниција и дрога. На групата ѝ се приклучиле останатите осомничени кои нелегално продавале оружје, муниција и дрога на заинтересирани лица.
Оваа криминална група е поврзана и со претходен случај во Кичево во ноември лани, кога беа запленети поголема количина на оружје и муниција, како и со случаи на недозволена трговија со дрога во кои обвинителството веќе постапува против девет лица и случаи на недозволена трговија со оружје и муниција каде што обвинителството постапува против три лица.
За приведените лица што ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд – Скопје, обвинителството бара притвор поради опасност осомничените да избегаат, да се скријат и да ги уништат трагите од кривичното дело и да влијаат врз сведоци.
