Една од двете главни рути, која ги поврзува северниот и јужниот дел од Скопје – клучката кај Момин Поток ќе добие ново сообраќајно решение со оглед дека ова е една од најфреквентните сообраќајници низ која дневно поминуваат 25 000 возила, најави денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Проектот, според најавата, ќе вклучува два кружни тека, подвозници и надвозници, а ќе чини околу 18 милиони евра. Шилегов вели дека ова најсложениот сообраќаен проект што Градот го изработил од 1965 година.

„Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, се предвидува изградба на 2 кружни тека, првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот ’8 Септември‘ и улицата ’Скупи‘ и вториот кој треба да ја замени крстосницата на булеварот ’Никола Карев‘ и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар ’Словенија‘ каде што се поврзува со булеварите ’Словенија‘ и со булеварот ’Босна и Херцеговина‘“,
рече Шилегов.
Вкупната должина на сообраќајницата меѓу двата кружни тека и до пред раскрсницата со булевар „Словенија“ е околу 1 600 метри. По должина на целата сообраќајница, велат градските власти, ќе биде поставено ЛЕД булеварско осветлување, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Проектот предвидува и изградба на два моста на реката Серава која тече под оваа сообраќајница.
