Омбудсманот Насер Зибери, кој пред три месеци стапи на функцијата, денеска го презентираше извештајот за работата на Народниот правобранител за 2020 година. Најмногу критики Зибери упати за работата на Собранието, судовите, комисиите, затворите, но и образованието како сфера каде што најмногу се почувствувале последиците од пандемијата во однос на прекршување на човековите права и правата на децата. Спроведувањето на онлајн-наставата Зибери ја посочи како пречка за голем број деца кои се соочиле со потешкотии во учењето, а ги издвои и правата на студентите кои биле одбиени за владина помош без соодветно образложение од Генералниот секретаријат на Владата.
„Во овој период посебно беа на удар правата на децата. Отсуството на соодветна опрема за следење настава, талкање по мрежите, отсуството на електрична енергија икслучување поради неплатени сметки, слабиот квалитет на интернет – сериозно се одразија на воспитно образовен процес, посебно кај децата со попреченост кои речиси целосно беа исклучени од наставата“,
изјави Зибери.
Зибери ги издвои и претставките на граѓаните до омбудсманот кои се однесуваат на поплаки од извршителите, работните односи во делот на неисплатени плати, а голем број претставки имало и за неисплатено социјално и пензиско-инвлаидско осигурување. Посебно како проблем Зибери ги посочи граѓаните без државјанство и побара итно да се донесе најавениот нов закон.
„Недозволиво е лица што се родени во земјата, врзани се по сите елементи и критериуми што ги предвидува Европската конвенција за државјанство, да бидат лишени од ова право. Посебно што во одредени семејства лица под одредени околности на време се стекнале со државјанство и документи, а други лица од истите семејства останале без државјанство од непознати причини“,
додаде Зибери.
Во однос на недоволна соработка со институциите, Зибери се пожали од Обвинителството за организиран криминал, како и од Собранието.
„Од Собранието не сме задоволни во смисла на тоа дека еве, на пример, поднесовме барање за определување субјекти кои се дел од механизмот за граѓанска контрола, бидејќи им е истечен рокот. И сѐ уште не сме известени дали тие ќе останат, ќе се изберат ли нови субјекти за да се комплетира механизмот за граѓанска контрола, што е еден од новите надлежности дадени на Народниот правобранител, а за кои очигледно има интерес не само од невладините , туку и од меѓународните организации и амбасадите“,
додаде Зибери.
