Северна Македонија бележи демократски напредок и го зголемила индексот на демократија од 3,75 на 3,82, за разлика од повеќето други земји во регионот, покажува извештајот на „Фридом хаус“ – „Држави во транзиција 2021“
Денешниот извештај на „Фридм хаус“ потврдува дека сме на вистинскиот пат, оцени денеска вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски коментирајќи ги наводите во извештајот „Држави во транзиција 2021“.
„Извештајот потврдува дека сме на вистинскиот пат, дека Северна Македонија се подобрува и излегува од периодот од 2017 година наваму, од ужасната состојба што оваа влада ја има наследено и бележи постојан раст во делот на слободата и демократијата, што е успешна приказна која му е потребна на Балканот. Во Извештајот експлицитно се наведува дека левичарската влада предводена од Зоран Заев ја поправа штетата нанесена врз институциите во претходниот период од десничарските популисти пред него. Извештајот целосно алармира генерално за падот на демократијата и лизгањето на многу системи кон авторитарност во регионот, притоа издвојувајќи ја Северна Македонија како успешна приказна заедно со неколку земји. Извештајот е според односот на Владата кон институциите, медиумите, граѓанското општество, правосудството, локалното владеење и за оваа поставеност земјава бележи раст од 2017 до 2021 година во делот на демократското владеење“,
рече Николовски посочувајќи делови од извештајот.
Според него сите препораки во извештајот, но и забелешки се добредојдени и ќе бидат сериозно разгледани зашто се патоказ по кој треба да продолжиме да чекориме, додаде тој.
