Ако го набљудувате случајот на луѓето што се осудени за тероризам, можеби Македонија е единствената држава во светот со толку терористи во затвор, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и не ја исклучува можноста за нови протести по празниците
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, негира дека неговата партија поддржува насилство, по обвинувањата од премиерот Зоран Заев дека протестот за осудените од „крвавиот четврток“ претставува соучесништво во настаните од 27 април. Мицкоски го повтори ставот дека ВМРО-ДПМНЕ бара повторно судење на обвинетите за овој случај.
„Она што ние го поддржуваме е правда. Никој не вели дека поддржуваме насилство. Напротив, во Македонија постои судска пракса, дел од случаите за кои има основано сомневање дека биле политички инструирани, да има повторно судење од почеток за да се аргументираат позициите на двете страни – на обвинителството и на лицата што се обвинети. Тоа е она за кое ние се залагаме“,
изјави Мицкоски.
Мицкоски не ја отфрли можноста за повторно излегување на протести, но најави дека за тоа ќе се дискутира по верските празници Велигден и Бајрам.
„Ако го набљудувате случајот на луѓето што се осудени за тероризам, можеби Македонија е единствената држава во светот со толку терористи во затвор. Ќе видите дека судијата кој ги изрече овие драконски казни е судија кој како да полагаше устен испит пред да стане уставен судија“,
додаде Мицкоски.
За време на викендот Мицкоски со раководството на ВМРО-ДПМНЕ беше дел од протестот под слоганот „Слобода за уставобранителите“, од каде што порачаа дека осудените за тероризам се патриоти и побараа повторно судење.
