Истрагата за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци, во која првоосомничен е екс-генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, предизвика нови, неочекувани проблеми.
Целосно е блокиран системот за електронско полагање државни испити во 13 државни институции, бидејќи фирмата инволвирана во тендерот со софтверот, „Инвока гроуп“, ги менаџира и државните испити. А обвинителството и ги заплени компјутерите.
И тој тендер – за државни испити, „Инвока гроуп“ го склучила со Рашковски.

„Дали прашањата за судии и обвинители им се давани на одредени кандидати однапред или пак истите се продавани? Дали Рашковски местел и тргувал со прашањата?“,
праша Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Државната комисија за спречување корупција најави дека најверојатно ќе испитува дали е доведен во прашање легитимитетот на досегашните тестирања. Обвинителството не открива детали, а засегнатите институции бараат итно да се откочи процесот.
„Интервентно да се најде некој друг субјект којшто може да го покрие тоа“,
вели Наташа Габер-Дамјановска од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“
„Ниту една опција не е затворена, сите опции се отворени“,
вели Мухамед Зеќири, генерален секретар на Владата.
Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, во моментов е во притвор, како и сопственикот на фирмата „Инвока гроуп“, Даниел Станчев.

Еден од претресите на обвинителството е спроведен на Правниот факултет при УКИМ, каде Рашковски е вонреден професор. И од факултетот и од обвинителството демантираат дека е проверуван кабинетот на Рашковски. Причината за претресот на Правен е што „Инвока гроуп“ таму изнајмила простории за да го смести центарот за електронско полагање државни испити во 13 институции. И тој тендер, како и оној за софтверот, го нарачал и спровел владиниот Генерален секретаријат предводен од Драги Рашковски.
Во претресите на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција беше одземена и компјутерската опрема од оваа просторија, па системот за електронско полагање на државни испити во моментов е блокиран.
Тука се полагаше за лиценци за возачи, медијатори, вештаци, управители со отпад, царински застапници, негуватели, а во овие простории се спроведуваа и испитите за идни судии и јавни обвинители.
Актуелниот договорот е склучен во август 2020 година меѓу управителот Даниел Станчев и Драги Рашковски, како генерален секретар на Владата, во вредност од 151 илјади евра. „Инвока Гроуп“ била единствен понудувач. Претходно, истиот тендер „Инвока Гроуп“ го добила и во 2018 година, но за помала сума – околу 90 000 евра.

Согласно условите во сегашниот договор, фирмата била должна да обезбеди две простории и мебел за одржување електронско полагање испити, додека Генералниот секретаријат требало да ја обезбеди компјутерската опрема.
Од Правниот факултет велат дека фирмата имала договор за закуп на просториите, кој повеќепати бил продолжуван во изминатиот период. Во меѓувреме, пред неколку недели, договорот истекол и, како што велат од Правен, не е планирано негово продолжување, па „Инвока Гроуп“ треба да се исели.
Интересно е што токму просторијата што ја изнајмувала „Инвока гроуп“, во минатото, била неформален кабинет на Драги Рашковски. Како што пишува на влезот, овде бил компјутерскиот центар на факултетот, со кој раководел Рашковски, како идеен творец и воспоставувач на системот за електронско полагање испити и електронско водење на студентските досиеја на Правен.

Сега со оваа просторија се поврзуваат сомнежи за манипулирање на резултатите од државните испити со кои во изминатите две и пол години управувала „Инвока гроуп“. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште во септември 2019 година предупреди на такво нешто, посочувајќи на тогашните испити за упис на Академијата за судии и јавни обвинители.
На прес-конференцијата ВМРО-ДПМНЕ упати и прашање директно до Рашковски.

Опозицијата и сега повикува на детална истрага, а премиерот Зоран Заев тврди дека нема простор за сомнеж за злоупотреби во изборот на идните судии и јавни обвинители.
„Никако не се сомневам. Заради тоа што системите се создадени тука, но ги управуваат и ги користат самите институции. Издавањето на лиценците од Транспорт и врски, на пример, и други институции се системи управувачки од самите институции и пред се комисии коишто се формирани“,
рече Заев.
Од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, неофицијално, велат дека засега немаат информации за манипулации со електронското полагање на државни испити.
Дека не би можело да се „местат“ тестовите смета директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска. Вели дека „Инвока Гроуп“ само оперативно го одржувала системот. За неа, сега е клучно итно да се најде решение за да се откочи процесот за прием на кандидати, бидејќи е прекинат среде приемни испити.

И досега се јавуваше недостаток на кадри, посебно обвинителството се жалеше за таа работа, во моментов ете тече обука на една генерација, но тие не се доволни. Постојат и повеќе упразнети места коишто имаат потреба од пополнување. Ова ќе беше најголемата генерација што ќе ја минеше обуката во Академијата. Мислам дека мора да се обезбеди начин, токму заради тоа, за потребите на правосудството, побрзо да се најде решение за оваа работа“,
вели Габер-Дамјановска.
Според неа, неопходно е интервентно да се најде нова фирма што ќе ја замени „Инвока Гроуп“ и ќе го управува електронското полагање испити, наместо да се распишува нов тендер, за што е потребно повеќе време.
„Сега сме практично блокирани и во многу незавидна положба мислам дека треба да направиме еден напор ако не интервентно, бидејќи овој субјект не може да не опслужува, да се најде некое преодно решение, законот за јавни набавки тоа го предвидува, интервентно заради Вис мајор, виша сила, да се најде субјект којшто може да го покрие тоа“,
вели Габер-Дамјановска.
За разлика од Академијата за судии и јавни обвинители која го одложи полагањето, Инспекцискиот совет имал среќа да ги заврши испитите на своите кандидати неколку недели пред заплената на компјутерите на „Инвока“. Но, тие веќе побарале раскинување на договорот со оваа фирма, бидејќи почнале да користат свој софтвер.

„Договорот којшто го имаме склучено со фирмата, како анекс на главниот договор којшто Генералниот секретаријат го има склучено со Инвока, предвидува таква клаузула со која што се уредува постапката како да се раскине договорот и токму тоа го преземавме. Од наша страна веќе е доставено барање до Генералниот секретаријат за да се отпочне постапката за да го раскинеме договорот со Инвока и е детално објаснето во дописот од кои причини се бара дека тоа е поради новиот закон, новиот принцип за полагање на испитите за инспектори, а впрочем дека веќе ни е обезбеден софтвер преку меѓународен донатор“,
вели Магдалена Филиповска-Грашковска.
Актуелниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, вели дека анализираат кое е најдоброто правно решение во новонастанатата ситуација.
„Да почекаме. Јас секако сум транспарентен ќе ве известам веднаш штом имаме конкретно решение, секако и решението за прекинување на договорот стои, но сето тоа ќе бара време за да се ангажира некој друг ако се оди на таа варијанта, тоа секако нема да биде за неколку недели, туку се работи за месеци, додека не се заврши целата постапка да се ангажира друга фирма која досега ги извршува оваа фирма.“
вели Мухамед Зеќири, генерален секретар на Владата.
Проблем е што „Инвока Гроуп“ нема пречка за вршење на дејност, па нејзиниот договор со Рашковски се уште е активен.

–Дали е опција „Инвока“ да продолжи со работа со овој договор?
–Не знам тоа. Треба да кажат… Ние од нив добивме известување дека не се во можност да продолжат со работа, бидејќи им се одземени компјутери. Врз основа на тоа правниците кај нас ќе предложат конкретно решение како да постапиме понатаму“,
вели Зеќири.
И министерот за правда, Бојан Маричиќ, денеска изјави дека се работи на проблемот со блокираното тестирање. Решение, кажа, ќе има до крајот на неделава.
Ако е така, засега единствените во редот за полагање испити, идните судии и јавни обвинители, наскоро ќе го продолжат приемниот испит. Ако, пак, најавите на министерот се покажат оптимистички, редот само ќе се зголемува.