Тоа што уште пред седницата на Советот во јавноста беа објавени имиња што ќе се изберат, за министерот не е причина да се прави некаква проверка или истрага. Како што вели, членовите на Советот претходно дискутирале и можно е некој да ги брифирал медиумите за расположението кој кандидат да се поддржи
Министерот за правда Бојан Маричиќ не ги коментираше конкретно имињата на обвинителите што беа избрани во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и во Вишото јавно обвинителство-Скопје, но порача дека е погрешна тезата оти сите квалитетни кадри треба да се унапредат во повисоките обвинителства затоа што основните се оние што се центарот на истрагите.
„Секој кандидат кој не бил избран, може да конкурира повторно, ова не е прв, а веројатно ниту последен оглас, така што ќе има простор и други обвинители да учествуваат во изборите. Инаку, многу е важно Основното јавно обвинителство Скопје и другите основни обвинителства да бидат опремени со добар обвинителски кадар затоа што главното, работата на обвинителите на истрагите, се случува токму во нив. Така што, апсолутно е погрешна тезата дека квалитетните обвинители мора по секоја цена и веднаш да бидат избрани во повисоките обвинителства. Многу е важно квалитетен кадар да остане и во основните обвинителства затоа што таму е тежиштето и центарот на случаите, подготовката на добрите предмети кои подоцна се бранат пред судовите“,
изјави Маричиќ.
Министерот смета дека јавноста препознала оти избраните обвинители на минатонеделната седница на Советот на јавни обвинители имаат долгогодишно искуство и потенцира дека не видел реакција во јавноста за самите обвинители, туку повеќе за тоа што немаше дискусија и образложение, што тој верува дека ќе се промени во иднина.
„Драго ми е што во целата јавност беше препознаено дека оние кои беа избрани се долгогодишни обвинители и тоа покажува дека внимателно биле разгледувани сите поединечни апликации. Не би сакал да коментиран кој бил избран, а кој не, тие што не се избрани е нормално да се разочарани. Од друга страна, мислам дека Советот е единствено надлежен да цени според стажот, искуството и профилот, а имаше и интервју со секој кандидат“,
рече Маричиќ.
Тоа што уште пред седницата на Советот во јавноста беа објавени имиња што ќе се изберат за министерот не е причина да се прави некаква проверка или истрага. Како што вели тој, членовите на Советот претходно дискутирале и можно е некој да ги брифирал медиумите за расположението кој кандидат да се поддржи.
„Како некој медиум дознал кои би биле потенцијалните имиња што ќе се изберат, јас не би можел да кажам, не знам ни дали беа избрани сите кои беа соопштени. Но, во секој случај, во текот на таа недела имаше координации и неколку состаноци, нормално е членовите на Советот да комуницираат меѓу себе, можно е некој од внатре кој го знаел расположението за определени кандидати, да ги пренел информациите“,
изјави Маричиќ.
