За вториот случај, откако од „Телеграм“ не одговориле на барањата од МВР, од ОЈО Скопје побарале меѓународна правна помош од Обединетото Кралство за да се откријат креаторите и администраторите. Покрај скопското, за „Јавна соба 2“ се водат предмети и во обвинителствата во уште 4 града
Администраторот и модераторот на првата група „Јавна соба“ на апликацијата „Телеграм“ добија обвинение за кривичното дело производство и дистрибуција на детска порнографија.
Обвинението го поднесе Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје и според соопштението станува збор за две лица на возраст од 32 и 21 година.
„Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата обвинети, како основач и модератор на групата ’Јавна соба‘ на социјалната мрежа Телеграм, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете“,
велат од ОЈО Скопје.
Групата, како што е познато, веќе е згасната.
За двајцата обвинети, ОЈО Скопје бара да се продолжи притворот бидејќи постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и оштетени и прикривање на трагите.
Истрагата за првата група беше отворена на 5 февруари годинава.
„Телеграм“ не одговорил на барањата од МВР
Кога станува збор, пак, за втората група со исто име, предметот што го води ОЈО Скопје за да ги открие креаторите и администраторите е сè уште во фаза на предистрага. Скопските обвинители се соочуваат со проблем да го утврдат идентитетот на лицата што ја креирале и биле дел од оваа група. Преку МВР во јануари се обратиле до Меѓународниот сервис-провајдер за услуги „Телеграм“, но оттаму не им одговориле на барањето, па затоа сега посегнале по инструментот меѓународна правна помош.
„Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група. Од тие причини, Јавното обвинителство ги искористи и механизмите на меѓународна правна помош, па согласно позитивните домашни и меѓународни прописи, податоците ги побара од Обединетото Кралство. До овој момент не е пристигнат одговор на ова барање“,
велат од Обвинителството.
За „Јавна соба 2“ има предмети во повеќе обвинителства
Додека ОЈО Скопје очекува меѓународната помош, за „Јавна соба 2“ се водат предмети и во други обвинителства.
Според објавените информации, велешкото обвинителство веќе отворило и истрага против едно лице за производство и дистрибуција на детска порнографија.
„Имено, при вештачење на мобилниот телефон на осомничениот, пронајдени се видеозаписи со детска порнографија“, велат од обвинителството.
Оформен предмет има и во Битола каде што е издадена наредба за вештачење на цедеа и на мобилни телефони. Откако ќе биде готово вештачењето, ќе се одлучи во кој насока битолското обвинителство ќе го води случајот.
„Се постапува и во Кавадарци, каде во тек е прибирање на материјали докази, за кои обвинителството во моментов не е во можност да сподели детали. Оформен предмет има и во ОЈО Прилеп, каде од пријавеното лице се одземени два мобилни телефона и издадена е наредба за нивно вештачење“,
велат од обвинителството.