Министерот за правда, Бојан Маричиќ, вели дека не е коректно да ја коментира постапката на изборот за виши обвинители, но вели дека ќе има и други огласи за избор на обвинители кадешто ќе може повторно да се конкурира.
„Не е коректно министерот да навлегува во постапката на изборот ниту пак да коментира конкретно кој бил избран, а кој не“,
вели Маричиќ во телефонска изјава за ТВ21 околу одлуката за Ленче Ристоска да не биде избрана за виш обвинител.
Тој вели дека проценката е исклучиво на Советот на јавни обвинители, но додава дека ќе има и други конкурси и огласи, па Ленче Ристоска ќе може да конкурира.
„Мислам дека не е спорно дека таа е квалитетен обвинител, тоа го покажала на дело. Всушност, владата во договор со обвинителството ја предложи за претстваник во Евроџаст, тоа е европската мрежа за судско обвинителстка соработка во Хаг, каде што таа ја претставува државата. Мислам дека со самото тоа веќе сме го кажале мислењето“,
вели Маричиќ.
Маричиќ смета дека Советот на обвинители имаат начин и критериуми по кој што ценат кои обвинители треба да бидат избрани, а Владата во тој дел нема право и не треба да коментира.
„Треба да се има предвид дека ова е само еден круг на избор, јас сум сигурен дека во иднина ќе има и други избори на јавни обвинители на различни нивоа, така што секој добар и квалитетен обвинител кој што има што да покаже може да се надева и да конкурира да биде избран и во иднина. Така што ова не е ни прв ни последен конкурс или оглас на кој што се бираат обвинители“,
вели Маричиќ.
