Од болницата велат дека главниот влез бил заклучен, но пациентот избегал преку задниот влез. Комисија ќе утврдува дали имало пропусти на дежурните
Пациент од Пробиштип на возраст од 75 години, синоќа околу избегал од модуларната болница во Штип каде бил хоспитализиран, а по еден час бил пронајден мртов. Неговото тело било пронајдено на само неколку метри од болницата, на улицата „Мирче Ацев“, во близина на средното медицинско училиште.
Во полиција пријавил случаен минувач. Поради траги од кочење на автомобил првично се проверувало дали станува за прегазен пешак, но подоцна било утврдено дека станува збор за пациентот, кој побегнал од модуларната болница. Обдукцијата покажува дека нема траги на насилство и според првичните сознанија причина за смртта е белодробната пневмонија.
Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова за МИА вели дека на лице место излегле полициски службеници и јавен обвинител, а настанот го потврдува и директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев.
Според него и вработените, главниот влез на модуларната болница секогаш е заклучен, но пациентот успеал да излезе преку задниот влез, од каде се носат пациенти. Веднаш е формирана Комисија за квалитет, која треба да го истражи случајот.
„Комисијата откако ќе го истражи случајот, извештајот ќе го доставам до Дисциплинската комисија, а повеќе детали за случајот јавноста ќе ја информираме во понеделник“,
рече Ѓеорѓијев.
Тој посочува дека доколку се утврдат пропусти ќе има и санкции за дежурните кои биле во болницата.
