Со новата концепција и законските измени со кои се мотивираат и наставниците, министерката вели дека можеме да имаме квалитетно образование кое би го стекнале во период од шест години
Новата концепција за основно образование за првпат го става ученикот во центарот, но исто така, таа предизвикува и законски промени кои и ќе ги мотивираат и наставниците. Една од промените е што тие ќе бидат вработени на неопределено време и на тој начин ќе се спречи злоупотреба на наставниот кадар.
Вакви пораки денеска испрати министерката за образование и наука, Мила Царовска, откако започна обуката за 44-наставници кои ќе станат дел од националниот тим обучувачи кој ќе треба да ги подготви останатите наставници за почетокот на новата учебна година од септември, кога во прво и четврто одделение ќе почне да се применува новата концепција.
„Наставниците кои треба да бидат обучувачи на наставниот кадар во прво и во четврто одделение се веќе со расчистени дилеми за голем дел од работите на кој начин да се спроведуваат и што е она што треба да биде придобивка од оваа концепција. Целта на обуката на наставниот кадар е што поспремни да влезат во училница и да ги реализираат наставните програми за прво и четврто одделение како што е предвидено“,
изјави Царовска.
Сега обучувачите ќе треба да изготват тренинзи кои ќе треба да ги спроведат на останатите наставници во три модули. Првиот во мај, вториот од 15 јуни до 15 јули, и третиот ќе биде еднодневен пред почетокот на следната учебна година.
„Оваа реформа првпат го поставува ученикот и детето во центарот, но грижата за наставникот е неопходна пред сè, зашто ни еден концепт, ни една наставна програма не може да биде добра ако наставниците не се доволно обучени и доволно мотивирани“,
вели Царовска.
Министерката смета дека мотивацијата за наставниците е во измените во Законот за наставници и стручни соработници кој е во собраниска процедура. Една од нив е што се утврдува кариерниот развој најавуван уште од 2006. А, другиот е што законските измени предвидуваат дека наставниците се вработуваат на неопределено време.
„Имаме повеќе од 240 наставници кои многу скоро ќе станат ментори, а до крајот на април месец треба да се објави и вториот повик за ментори. Во законското решение сега за првпат се позиционираат и повеќе ментори во едно училиште, согласно бројот на одделенија или класови. Дополнително, во ова законско решение и се утврдува дека вработувањето на наставникот е на неопределено време. Со тоа се спречува понатамошна злоупотреба на наставниот кадар која со години се правеше односно неговата неизвесноста и економското држење во стеги и правната несигурност која ги правеше наставниците понесигурни и не дозволуваше нивните капацитети и креативност да излезат на виделина“,
рече Царовска.
Третата придобивка, според министерката, е што за првпат се поставува минималната плата како основа што значи дека усогласувањето на минималната плата ќе влијае и на усогласувањето на платата на наставниот кадар.
„Сметаме дека и ги обучуваме и ги мотивираме со новото законско решение за да имаме квалитетно образование кое во период од шест години ќе го стекнеме ако работиме со заеднички сили“,
изјави министерката.
