Сè уште е рано за да се знае како ќе започне новата учебна година од септември. Прво безбедно треба да се заврши оваа, како и да се спроведе матурата.
Сепак, вели министерката за образование и наука Мила Царовска, родителите и учениците навремено ќе бидат информирани.
„Јас сум сигурна дека ќе најдеме најдобро можно решение затоа што гледате дека оваа година бевме една од ретките земји кои воопшто немаше застанување на образовниот процес надвор од календар. Од една страна образованието без прекин се спроведуваше, од друга страна се заштити јавното здравје. Така што и наредната година ќе одиме со безбеден пристап, кој и како ќе биде, јавноста ќе биде информирана. Да ја завршиме соодветно и безбедно оваа учебна година, да ја спроведеме матурата и понатаму да донесеме одлука на кој начин ќе почнеме од 1 септември“,
изјави Царовска.
Начинот на кој ќе се одвива новата учебна година, ќе зависи и од епидемиолошката состојба и ставовите на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.
