Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, во вечерашното интервју на „360 степени“ зборуваше и за меморандумот што Владата го потпиша со американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10.
Тој вели дека меморандумот не е обврзувачки, но како Влада ќе направат напори да се креира и договор, но и закон со цел С Македонија да не остане заобиколена од коридорите 8 и 10. Бочварски вели дека не го кријат меморандумот што го потпишале и секој што сака може да го види.
„Немаме јасно исцртани коридори, а ние сме транзитна земја на коридорот 8 и коридорот 10 коишто се вкрстуваат и не сакаме како Влада да се доведеме во ситуација за тие коридори при некои идни поместувања да бидат на некоја друга траса и ние да бидеме заобиколени и да останеме слепо црево. Апсолутно имаме право како Влада да размислуваме на сите можни начини за изградба на патишта“,
вели Бочварски.
Владата, пред неполн месец потпиша меморандум со американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ за разбирање за изградба на коридорот 8 и 10. Меморандумот во име на Владата го потпиша вицепремиерот Артан Груби и најави дека ова претставува добра можност за С Македонија да добие нова геополитичка тежина како мост меѓу балканските земји. Од Владата рекоа дека меморандумот е стратешка насока и земјата ќе ја движи кон идни инвестициски вложувања во инфраструктурата на европските коридори и застоите во изградбата на патиштата повеќе да не се случуваат.
Бочварски вели дека ќе бидат вклучени стручни тимови и меѓународни консултантски компании со цел да се креира закон, а потоа и договор, а двата документи ќе бидат потоа доставени до Собранието.
„Овде ќе бидат вклучени многу институции, експерти, стручни луѓе, консутантски компании, реномирани меѓународни компании кои ќе работат на креирање на закон, а потоа и на договор и тие два документи ќе завршат во Собранието каде повторно ќе бидат отворени пред пратениците, опозицијата и ќе се разговара со сите страни. Досега склучивме само меморандум кој е необврзувачки, но ќе се обидеме да креираме модел кој ќе биде побрз и поефикасен“,
вели Бочварски.
