Тоа што би требало да се бара при премин на границите е потврда за примена вакцина, за што ние имаме спремна потврда со соодветен код, кој ќе биде прифатен на сите гранични премини, објаснува министерот за здравство
Веќе е изготвен сертификат, по насоки на ЕУ, со посебен код, кој ќе послужи на граѓаните да патуваат во Грција, откако тамошните власти ќе донесат и официјална одлука за тоа. Според најавите што министерот за здравство Венко Филипче ги добил од грчкиот министер за туризам Теохарис тоа се очекува да се случи на 14 мај. Освен сертификат за вакцинација, граѓаните кои не се вакцинирани ќе може да патуваат и со потврда за негативен ПЦР тест кој може да го напратва во една од 20 лаборатории кои имаат дозвола од Министерството за здравство.
„Тоа што би требало да се бара при премин на границите е потврда за примена вакцина, за што ние имаме спремна потврда со соодветен код, кој ќе биде прифатен на сите гранични премини. Тој сертификат е подготвен и на почеток на следната недела веќе во понеделник ќе се издава ретроактивно на сите лица кои се ревакцинирани. Доколку граѓаните не се вакцинирани, вториот услов е негативен ПЦР тест, за што имаме листа од дваесетина овластени лаборатории“,
изјави Филипче во гостување на Сител.
На прашање дали со една доза на вакцината „Астра Зенека“ ќе може да се патува во странство, министерот посочи дека таква одлука се уште нема, но дека така функционира Велика Британија.
„Таа тоа го дозволи поради две работи, прво за пократко време да бидат вакцинирани што поголем број граѓани, но во исто време потврдувајќи дека само една доза создава сосема доволна количина на антитела и веќе 2-3 недели после вакцинацијата граѓаните се целосно заштитени“
рече министерот.
Истакна дека тоа што ќе ја смени сликата во однос на имунизацијата во земјава е големата количина на вакцини од Кина, што треба да стигне до крајот на месецов, како и дополнителните капацитети, односно спортските сали кои веќе се подготвуваат во шест градови во државата, каде што ќе се спроведува масовна имунизација.