По оваа одлука се очекува конечно да се започне и со негова физичка заштита
Скопскиот Акведукт е прогласен за културно наследство од особено знаече со поткатегорија исклучително значење. Ова го одлучи Владата на денешната седница по претходен предлог на Управата за заштита на културно наследство.
„Одлуката уследи по усвоениот елаборат за ревалоризација на споменикот, процес кој долги години беше закочен во надлежнитe институции. Со ревалоризацијата на Акведуктот е опфатено и прашањето за категоризација на доброто според неговото значење, а со тоа и прашањето за режимот на заштита. Одлуката овозможува трајно зачувување на Акведуктот и на неговите вредности во културна и историска смисла, како и во однос на заштитата на архитектурата, на социјалниот, едукативниот, туристичкиот и економскиот аспект на локалитетот“,
информираат од Министерството за култура.
По оваа одлука се очекува конечно да се започне и со негова физичка заштита.
„Со донесувањето на Одлуката, Акведуктот се вбројува во уставната категорија ‘добра од општ интерес за Република Северна Македонија’ и ужива посебна заштита во смисла на Уставот и Законот за заштита на културното наследство“,
додаваат од Министерството.