Доаѓањето на пратениците со скафандери, според првиот парламентарец, е врз основа на дополнување на протоколот за работа на Собранието во услови на ковид-19, кое тој го побарал откако опозицијата со околу три илјади амандмани го блокираше неговиот предлог за онлајн-вклучување на седниците на пратеници што се во изолација
Не терам инает, туку следам процедури. Не сум јас тој што поднесува над илјада амандмани на само три закони и не одржува или откажува седници на комисиите. Ова Собрание не е мој дом, ниту е дом на опозицијата. Нас нѐ избрале граѓаните и со тоа имаме право, но и обврска да учествуваме во работата на Собранието и да присуствуваме на седниците, изјави на денешната прес-конференција претседателот Талат Џафери објаснувајќи до детали како дошло до тоа да повика двајцата пратеници да излезат од изолација и во скафандери да дојдат во Собранието.
Пратениците Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ го овозможија вчера кворумот за затворање на 32. седница, по што почна 36. седница, на која влегоа и пратениците од опозицијата, така што законите од петтиот пакет беа изгласани со рекордни по 115 гласа „за“. Џафери појасни денеска дека доаѓањето на пратениците со скафандери е во согласност со протоколот за работа на Собранието во услови на ковид-19, кој бил донесен пред конститутивната седница на овој пратенички состав, а дополнет во ноември минатата година. Спикерот рече дека тој побарал од Комисијата за заразни болести да се ревидира протоколот откако опозицијата со околу три илјади амандмани го блокираше неговиот предлог за измени на собранискиот Деловник, со кои беше предвидено онлајн-вклучување на седниците на пратеници што се во изолација.
„Измените овозможуваат пратеници што се изолирани, а се асимптоматски и не се згрижени во здравствени установи да може да дојдат во Собрание под посебни услови. Во ситуација кога се условува кворумот додека колегите се болни, беше крајно време и таа можност да се стави во функција“,
рече Џафери и посочи дека изолирано во кабина гласаше и Арбен Зибери од ДУИ, на седницата за избор на Владата.
Тој објасни и дека инсистирал да се затвори 32. седница затоа што, за разлика од други седници што се во тек, на оваа сите точки од дневниот ред поминале низ процедурата во матичните комисии. Исто така, во изминатите две седмици, како што рече, се одржаа повеќе продолженија на оваа седница, а во четвртокот заврши расправата по последната точка Стратегијата на ДКСК, за што се дебатираше три дена. Затоа во четвртокот вечерта прво ја продолжил 32. седница за да се изгласаат законите од нејзиниот дневен ред, а потоа планирал да премине на 36. седница за антикризните мерки. На крајот, поради тоа што веќе беше речиси 23 часот, ја прекинал седницата, поради немање кворум за работа.
За тврдењето а Алијанса/Алтернатива дека во неделата планирале да учествуваат на 32. седница, така што ќе имаше кворум и немаше да мора да доаѓаат и пратениците во скафандери, Џафери рече дека не бил службено известен за намерата на опозициската коалиција.
„Во меѓувреме, комуницирав со пратеници на Алијанса и Алтернатива и ми рекоа дека по средбата со Заев, која беше во петокот, ќе ме известат дали ќе прават кворум. Ама не ме известија, ниту во саботата кога на пратениците им беа испратени известувања дека во недела ќе продолжи 32. седница, а потоа ќе почне и 36. седница. Потоа слушнав дека биле подготвени да учествуваат, ама не ме известија по службен пат. Затоа дојдоа и двајцата пратеници од мнозинството“,
рече Џафери, кој посочи дека се консултирал со повеќе институции за излегувањето на пратениците од изолација.
На прашање како на граѓаните им е забрането да излегуваат од изолација, а тоа не важи за пратениците, Џафери рече дека и за пратениците важи дека може да излезат само во посебна ситуација и под посебни услови и нагласи дека на народните избраници не им е ограничено движењето ниту во случај на воена состојба.
Спикерот реагираше и дека опозицијата, освен преку амандмани и неучество на седниците, ја кочи работата на парламентот и со одложување на седниците на собраниските тела со кои раководи, при што ги спомна комисиите за финансирање и буџет (каде што претседател е Тимчо Муцунски) и за труд и социјална политика.
„Денес во последен момент се откажува седница на Комисијата за финансирање и буџет, додека дел од нејзините членови веќе се на пат кон Собранието, и се презакажува за утре“,
рече Џафери.
Зборуваше и за инцидентот во четвртокот, кога координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, настојуваше да ѝ го одземе микрофонот на пратеничката на СДСМ, Даниела Марковска.
„Собранието усвои кодекс на однесување. Несвојствено е пратеник да оди по пратеничка и да ја брка низ салата оневозможувајќи ја да го оствари правото на збор. Повеќепати го опоменав и на крај бев принуден да повикам обезбедување“,
рече Џафери.