Лука Андраши се приклучува на Твитер во јануари годинава. Соопштува дека работи на проект за мониторинг на високи јавни службеници во земјава, а сите останати твитови му се коментари за случувањата на политичката сцена. Твитовите завршуваат на дел од македонските портали, кои Андраши го цитираат како хрватски експерт кој работи на проект на Европската Унија
Од Делегацијата на ЕУ во Скопје велат дека не менаџираат таков проект, а се сомневаат и дека такво лице постои. Извесниот Лука Андраши е непознаница и за најголемите билатерални донатори од Европа – Шведската, Холандската и Британската амбасада. За проектот не слушнале ниту во Хрватската амбасада. Случајно или не, по објавувањето на најавата за нашата вечерашна емисија, извесниот Лука Андраши „се збогува“ со Македонија
Ова е твитер-профилот на извесен Лука Андраши. На мрежата се појавува на почетокот на годинава. Во објавите од јануари наваму, на хрватски јазик, Андраши пишува, прво, дека се збогува со Хрватска, а потоа и дека се привикнува на животот во Скопје. Во февруари, во објава на англиски, соопшти дека работи на проект.

„Конечно, пред само неколку часа, одобрен е нашиот проект PS12US92 за мониторинг на високи јавни службеници во Северна Македонија. Околу 120 квалификувани новинари во следните 12 месеци ќе ги следат секојдневните активности и користењето медиумски алатки од страна на 120 избрани политичари. Наскоро повеќе за ова“,
напиша извесниот Лука Андраши на почетокот на февруари.
Оттогаш Андраши речиси и да нема објавено твит поврзан со наводниот проект, но затоа, речиси секојдневно, објавува критики за случувањата во Македонија, главно на адреса на власта. А твитовите, освен што ги споделуваат други корисници на мрежата, завршуваат како вести на македонски портали:



Некои портали одат и чекор понатаму во претставувањето на Андраши.

Прашавме во Делегацијата на Европската Унија во Скопје дали името Лука Андраши фигурира во некој проект поддржан од ЕУ и дали ознаката што јавно ја сподели одговара на референца за некој нивни проект. Еве го одговорот:
„Немаме сознанија за експерт со ова име ангажиран на проекти на Европската Унија во Северна Македонија и се сомневаме дека такво лице постои. Нема проект на посочената тема или со посочениот референтен број менаџиран од Делегацијата на ЕУ. Покрај ова, би потенцирале дека, во секој случај, експертите ангажирани на проекти на ЕУ се вработени за да споделуваат знаење со локалните партнери. Тие не ја претставуваат Европската Унија, ниту, пак, зборуваат во нејзино име. Ја користиме оваа можност да ги повикаме медиумите да постапуваат одговорно и да ги проверуваат фактите пред да објават информации што може да ја заведат јавноста.“
Прашавме и во најголемите билатерални донатори од Европа – Шведската, Холандската и Британската амбасада. Никој ниту слушнал за Лука Андраши ниту, пак, финансира таков проект. Проектот е непознат и за Хрватската амбасада во земјава.
Обидот да стапиме во контакт со наводниот Лука Андраши преку неговиот твитер-профил беше безуспешен, бидејќи е невозможно да се комуницира со него ако и тој не почне да го следи вашиот профил.
Без да навлегува во конкретниот случај, комуникологот Сеад Џигал смета дека цитирањето профили од социјалните мрежи како извор на информации е проблематично ако некој сака да се занимава со професионално новинарство. Ако, пак, тенденцијата е да не се биде професионален, тогаш ваквите објави се погодни за т.н. информациска војна.
„Една од клучните тактики тука е тоа војување, напаѓање или борба политичка на социјалните мрежи, каде што партиските активисти, кои некогаш лепеле плакати или не знам, агитирале на терен, сега се фокусирани на социјалните мрежи“,
вели комуникологот Сеад Џигал.
Така започнува дезинформациска кампања.
„Тие дезинформациски кампањи се дел од една поширока појава, која е наречена информациски војни, каде што тие што го прават тоа се убедени дека се дел од некоја вистинска кауза. Тие не се сметаат себеси за некои негативци или злосторници во информациски простор, веруваат во нешто и веруваат дека и за таа кауза се дозволени овие средства. И проблем е што ги снижуваат тие стандарди на објавувани содржини и сега и нивниот противник, колку и да е во право или жртва на сето тоа, постапно ги снижува и своите критериуми, ќе возврати на ист начин со контра дезинформациска кампања и тоа оди до недоглед. Со тоа најмногу губат граѓаните и професионалните медиуми. Се снижуваат стандардите“,
вели Џигал.
Ваквите појави, според Џигал, земаат замав во земјава во екот на политичката криза од 2015 година. И не запираат.
„Сега сме во некој просечен вид на општествени превирања и тие растат, но така поумерено. Проблемот е што тие се всушност инструмент, и профилите и социјалните мрежи, а преку нив и медиумите, од центри на моќ од политички и економски сегмент од општеството. Кога ним им треба, ги активираат по потреба, зависно од теми, значи тоа варира, флуктуира, многу е поврзано со другите. Да речам, дали се избори, дали е попис, дали е некој голем скандал или афера, флуктуираат нагоре-надолу“,
вели Џигал.

Андраши до пред некој ден наводно беше на еднонеделен одмор во Хрватска поради Велигден. За празникот доби честитки од своите следбеници на Твитер. По враќањето, им се врати на старите навики – да ги критикува случувањата во земјава. Во еден од последните твитови вели:

„Според сите истражувања, Македонија е една од земјите кои најслабо стојат со медиумска писменост и подготвеност на самоменаџирање или само заштитување на корисниците од вакви појави“,
смета Џигал.
Случајно или не, по објавувањето на најавата за нашата вечерашна емисија, извесниот Лука Андраши се збогува со Македонија.
