Во истрагата за „Плацовите на Водно“, рече обвинителот, откриени се два нови стана и плац од 3 000 квадратни метри на Водно
Обвинителот најави и дека сложеното финансиско вештачење за „Империја“ наскоро треба да заврши
Републичкиот обвинител Љубомир Јовески најави дека истрагата за „Плацовите на Водно“, за која минатиот месец Орце Камчев доби притвор, е во завршница и обвинителството веќе ги изготвува известувањата за завршена истрага.
„Постапката за плацови на водно е во завршна постапка. Јас можам да кажам дека обвинителот кој постапува по предметот веќе изготвува известување за завршена истрага кои ќе им го достави на обвинетите и нивните бранители. После тоа известување, тие имаат рок од 15 дена евентуално да предложат изведување на нови докази. И во предметот постои една замолница за меѓународна правна помош“,
рече Јовески во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ.
Предметот се однесува на тоа дека со пари од членарина и партиски донации за ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни плацови на Водно. Станува збор за земјиште од 11 000 квадратни метри и сума од 1,3 милиони евра, а неодамна обвинителството вршеше претрес и во станови на Бихаќка кои се поврзуваат со експремиерот Никола Груевски, кој исто така е еден од осомничените.
Вечерва, Јовески потврди дека се откриени два нови стана, но и уште еден плац на Водно.
„Врз основа на опсежна истрага, дојдено е до откривање на два нови стана и плац од 3 000 квадратни метри на Водно. За овие е издадена мерка забрана за нивно отуѓување додека трае оваа постапка“,
рече Јовески.
„Плацовите на Водно“ е предмет кој произлезе од обемната финансиска истрага „Империја“, каде меѓу осомничените се Орце Камчев и Сашо Мијалков. Овој случај подолг период се наоѓа на финансиско вештачење, за кое Јовески вечерва потенцираше дека се очекува наскоро да заврши.
„Овде станува збор за сложено вештачење, обемна сметководствена документација, вештачење од стручен тим кој треба да ги разгледа сметководствените и финансиските документи, да разреши определени прашања во однос на овие документи. Се разбира дека за да се разгледа толкав број документи и да се донесе определен заклучок во делот на вештиот наод и мислење потребно е значително време. Според таа динамика како се одвива вештачењето за скоро време мислам дека вештите лица ќе завршат со овој процес“,
рече Јовески.