Прашањето за потенцијалниот судир на интереси во случајот го отвори „360 степени“, бидејќи двајца уставни судии имаат(ле) штедни влогови во Еуростандард банка, чии оштетени штедачи ја покренаа иницијативата. Еден од уставните судии, Дарко Костадиновски, е во блиски пријателско-роднински врски со семејството на најголемиот акционер во банката
Уставниот суд требаше, но и денеска не донесе одлука дали ќе поведе постапка за член 163, став 3 од Законот за банки, по иницијативата на оштетените штедачи од Еуростандард банка. За точката ќе се гласа, велат од Уставниот суд, откако претседателот на судот ќе добие мислење од Антикорупциската комисија за тоа – дали има судир на интерес кај уставните судии да гласаат за оваа точка.
„Причината е што претседателот на судот ќе покрене иницијатива до Антикорупциската комисија за да провери дали кај некој уставен судија има судир на интереси кој би можел да влијае на одлуката за нивното гласање. Иницијативата што ќе ја покрене Мурати ќе се однесува за сите уставни судии, вклучително и за него, а не само за одредени. Откако Уставниот суд ќе добие одговор од Антикорупциска, ќе се одлучи за продолжението на седницата.
велат од Уставниот суд.
Прашањето за постоење потенцијален судир на интерес вчера го отвори токму „360 степени“, бидејќи двајца уставни судии имаат(ле) штедни влогови во Еуростандард банка, чии оштетени штедачи ја покренаа иницијативата, а денеска излегоа и на мирен собир за поддршка на некои уставни судии, за време на траењето на седницата. Еден од уставните судии, судијата Дарко Костадиновски, е во блиски пријателско-роднински врски со семејството на најголемиот акционер во банката.
Попрецизно, во имотните листови пред Антикорупциската комисија, уставната судијка Елена Гошева декларирала дека поседува штеден влог од 32 700 американски долари во Еуростандард банка, додека судијата Дарко Костадиновски и неговата сопруга имаат(ле) 6 000 евра.
Дополнително, кум и долгогодишен пријател на судијата Дарко Костадиновски е Коста Костовски, син на најголемиот акционер во Еуростандард банка, Трифун Костовски. Судијата не ја крие својата блискост со Костовски, која е документирана и на јавни настани. На пример, при промоцијата на неговата книга „Сведоштва од претседателскиот кабинет: моќта на трпението“, судијата Дарко Костадиновски стоеше покрај Костовски и семејството кои имаа почесно место во публиката, покрај поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, неговата сопруга и тогашни дипломати во земјава.
Утрово став по прашањето зазеде и Државната комисија за спречување на корупцијата која даде препорака уставниот судија Дарко Костадиновски да внимава и да пријави потенцијален судир на интереси. Нивните насоки се дека судијата би требало да ја помине постапката предвидена во членовите 72, 73 и 74 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Тоа подразбира пријавување на потенцијален судир на интереси и проверки од органот (Уставниот суд) и/или Антикорупциската комисија дали постои или не постои судир на интереси.
Костадиновски: Нема судир на интереси
Во вчерашниот телефонски разговор, уставниот судија Дарко Костадиновски потврди дека е близок со Костовски и дека имал деловни односи со банката која сега е во стечај. За разлика од анкетниот лист, каде што пишува дека заедно со сопругата имаат 6 000 евра во банката, Костадиновски дообјасни дека тој влог е повлечен и дека, всушност, тој во моментов има ситни обврски кон банката, од минусот на трансакциската сметка.
„Точно е дека до јули/јуни имав штеден влог, но во моментот на затворање на банката, јас имам само долг кон банката. Станува збор за долг на трансакциска сметка, преку која ја земав платата“,
изјави за „360 степени“ судијата Костадиновски.
Но, според судијата Костадиновски пред денешната одлука на претседателот на Уставен, ниту деловните односи со Еуростандард ниту приватните односи со Костовски не се пречка за тој да учествува во гласањето за иницијативата на штедачите од банката во стечај.
„Не, нема да се изземам, затоа што за да се изземам во предмет, како што имам правено порано, треба да биде конкретно барање, на пример, за заштити на слободи и права. Во случајов, станува збор за апстрактна уставна контрола на законска одредба која се однесува на неопределен број на субјекти, а не на поединечни субјекти“,
изјави за „360 степени“ уставниот судија Дарко Костадиновски.
А што се бара со иницијативата?
Оштетените штедачи од стечајот на Еуростандард банка утрово излегоа на протести пред зградата на Уставниот суд. Собирот коинцидираше со денешната агенда на Уставниот суд, на која беше завршување на 9-тата седница, на која, пак, на дневен ред е иницијативата на штедачите со која бараат преиспитување на член 163, став 3 од Законот за банки.
Тој член, кога ќе пропадне банка, му дава предност за исплата на Фондот за осигурување на депозити кој, пак, ги исплаќа законски гарантираниот поврат до 30 000 евра по штедач. Оштетените во Еуростандард велат дека тоа не е фер кон тие што имаат поголеми депозити, но и кон фирмите што воопшто не се заштитени.
„Во нашиот случај се случи ризичниот настан. Еуростандард банка сега е во стечај. Во стечајната постапка нема доволно средства за надомест на нашите пари. Во апсолутна смисла е загрозена нашата сопственост врз тие средства. Причината за ваквата состојба во стечајот е монополската позиција на Фондот за осигурување депозити. Но, тоа денес отвора многу прашања од пошироко значење. Од една страна гледаме колку несигурна била нашата позиција во легалниот финансиски систем, каде што царувал криминалот, и од друга страна гледаме дека во стечајната постапка, со законската регулатива која е на наша штета, повторно ќе бидеме оштетени поради нееднаквата и дискриминирачка позиција во однос на Фондот за осигурување депозити“
изјави професорката на Филолошкиот факултет, Мира Беќар, која зборуваше во име на оштетените штедачи
Од друга страна, пак, токму мнозинството во Уставниот суд неодамна сметаше поинаку – дека Фондот за осигурување депозити и не е нивна работа, но и дека тој е во функција на стабилноста на банкарскиот систем. Тоа образложение може да се прочита на интернет страницата на Уставниот суд, дека на седницата одржана на 24 февруари судот веќе одлучил против отворање на постапка на една иницијатива за член 163, став 3 од Законот за банки.
„Фондот е државна сопственост, гарантира покривање на одредено осигурено ниво на наплата на депозити на физички лица во банките на територија на Република Северна Македонија, неговата финансиска одржливост е неопходна за целокупниот банкарски сектор во државата, не е основан за еднократна цел па оттука и неговата уставно-правна опсервација се гледа како специфична осигурителна финансиска институција која заштитува на определен начин стабилност општо на банкарскиот систем како јавен интерес. Оттука, според Судот, оспорената одредба од Законот не може уставно-правно да се проблематизира како несогласна со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата“,
се вели во дел од решението за предметот под број 299/2020.
Ваквата одлука на судот тогаш беше донесена со тесно мнозинство. Јавно и јасно, на ваквата одлука, се спротивстави уставниот судија Дарко Костадиновски, во своето издвоено мислење. Тој, за разлика од мнозинството колеги, смета дека подносителот на иницијативата е во право.
„Мој став е дека Уставниот суд, во толкувањето на одредени уставни норми, секогаш треба да пристапува низ призмата на целовитост на Уставот, и толкувањето мора да биде во согласност и во светлина на највисоките уставни вредности, начела и гаранции. За мене не постои дилема дека повеќе уставни вредности, начела и гаранции се повредени со начинот како е уредена оспорената одредба. Согласно членот 9 од Уставот ‘граѓаните пред Уставот и законите се еднакви’. Во конкретниот случај со оспорената одредба граѓаните не се еднакви пред Уставот“,
вели уставниот судија Дарко Костадиновски во своето издвоено мислење за решението за предметот под број 299/20220.
Кој судија е пишман?
Вообичаено за Уставниот суд е кога ќе донесе ваква одлука, за неповедување постапка за одреден член на закон, таквата судбина да ја следат и евентуалните други иницијативи за истиот тој член. Но, сепак, прашавме во Уставниот суд – дали, во теорија, е можен различен исход во конкретниот случај? Ни одговорија дека не би требало, но дека е можно.
„Под претпоставка дека се мисли на ситуација кога Судот одлучил дека не постојат основи за поведување постапка за оценување уставност на одредени законски одредби, Ви укажуваме на член 29 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија според кој, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, меѓу другото и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во однос на последното, напоменуваме дека истото е само одговор на Вашето прашање, без да се прејудицира било каква идна одлука на Судот, за која треба допрва да се изјаснат судиите“,
велат од Уставниот суд.
И во одговорот на Уставен, ако се чита меѓу редови, се навестува можност судот сега да донесе поинаква одлука за иста работа, само два месеци подоцна. Тоа значи само една работа – дека некој од судиите го сменил мислењето кое го имал пред два месеци.
Кој е тој судија и не може со сигурност да се знае бидејќи гласањето е тајно. Но, сигурно е дека за една ваква одлука да помине се потребни пет гласа од деветчлениот Уставен суд. Јавно, својот став „за“ отворање на постапка по иницијатива на штедачите засега искажа само уставниот судија Дарко Костадиновски. Другите, официјално, не се знаат.
Но, интересно и индикативно е што насобраните демонстранти на денешните протести пред Уставен суд имаа и транспарент на кој беа именувани и пет уставни судии, од кои демонстрантите очекуваат поддршка. На транспарентот „Елена, Дарко, Осман, Никола, Јован, вие сте нашите херои“, јасно се сугерира на уставните судии Елена Гошева, Дарко Костадновски, Осман Кадриу, Никола Ивановски и Јован Јосифовски.