Насобраните демонстранти протестираа со транспаренти на кои јасно доминираше критика кон Народната банка и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. Но, интересно, на еден транспарент беа именувани и пет уставни судии од кои демонстрантите очекуваат поддршка, иако гласањето за точката сѐ уште не се случило и тоа е тајно. На транспарентот „Елена, Дарко, Осман, Никола, Јован, вие сте нашите херои“, јасно се сугерира на уставните судии Елена Гошева, Дарко Костадновски, Осман Кадриу, Никола Ивановски и Јован Јосифовски
Оштетените штедачи од стечајот на Еуростандард банка утрово излегоа на протести пред зградата на Уставниот суд. Собирот коинцидира со денешната агенда на Уставниот суд, на која е и завршување на 9-тата седница, на кој, пак, на дневен ред е иницијативата на штедачите со која бараат преиспитување на член 163, став 3 од Законот за банки. Тој член, кога ќе пропадне банка, му дава предност за исплата на Фондот за осигурување на депозити кој, пак, ги исплаќа законски гарантираниот поврат до 30 000 евра по штедач. Оштетените во Еуростандард велат дека тоа не е фер кон тие што имаат поголеми депозити, но и кон фирмите што воопшто не се заштитени.
Детали, зошто за иницијаторите е спорен тој член, во име на оштетените штедачи зборуваше Мира Беќар, која е позната во јавноста како професорка на Филолошкиот факултет и членка на Независниот академски синдикат.
„Во нашиот случај се случи ризичниот настан. Еуростандард банка сега е во стечај. Во стечајната постапка нема доволно средства за надомест на нашите пари. Во апсолутна смисла е загрозена нашата сопственост врз тие средства. Причината за ваквата состојба во стечајот е монополската позиција на Фондот за осигурување депозити. Но, тоа денес отвора многу прашања од пошироко значење. Од една страна гледаме колку несигурна била нашата позиција во легалниот финансиски систем, каде што царувал криминалот, и од друга страна гледаме дека во стечајната постапка, со законската регулатива која е на наша штета, повторно ќе бидеме оштетени поради нееднаквата и дискриминирачка позиција во однос на Фондот за осигурување депозити“
изјави, меѓу другото, Мира Беќар.
Насобраните демонстранти протестираа со транспаренти на кои јасно доминираше критика кон Народната банка и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. Но, интересно, на еден транспарент беа именувани и пет уставни судии од кои демонстрантите очекуваат поддршка, иако гласањето за точката сѐ уште не се случило и тоа е тајно. На транспарентот „Елена, Дарко, Осман, Никола, Јован, вие сте нашите херои“, јасно се сугерира на уставните судии Елена Гошева, Дарко Костадновски, Осман Кадриу, Никола Ивановски и Јован Јосифовски.

На разлгас можеше да се слушна звук на сирена, но беше пуштана и пораката „Нема правда, нема мир“.
Додека надвор се демонстрираше, внатре во судот уставните судии држеа седница. А меѓу работите предвидени да ги завршат денеска е и гласањето за точката 2 на дневниот ред од 9-тата седница, односно дали да се отфрли или прифати на разгледување иницијативата на штедачите.
Ако се следи принципот на „еднаш пресудено“, Уставниот суд би требало да одлучи да не отвори постапка по иницијативата на штедачите од Еуростандард банка. Причината е едноставна – на седницата одржана на 24 февруари судот веќе донесе таква одлука за една иницијатива против член 163, став 3 од Законот за банки. На адвокатот Љупчо Кузмановски од Скопје, кој ја поднел иницијативата, Уставен, меѓу другото, му одговори дека тој член е од Законот за банки и не е работа на Уставниот суд.

Мнозинството уставни судии тогаш го делеше мислењето дека постоењето на Фондот за депозити и неговата повластена улога ја заштитува „стабилноста, општо, на банкарскиот систем како јавен интерес“.
„Фондот е државна сопственост, гарантира покривање на одредено осигурено ниво на наплата на депозити на физички лица во банките на територија на Република Северна Македонија, неговата финансиска одржливост е неопходна за целокупниот банкарски сектор во државата, не е основан за еднократна цел па оттука и неговата уставно-правна опсервација се гледа како специфична осигурителна финансиска институција која заштитува на определен начин стабилност општо на банкарскиот систем како јавен интерес. Оттука, според Судот, оспорената одредба од Законот не може уставно-правно да се проблематизира како несогласна со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата“,
се вели во дел од решението за предметот под број 299/2020.
Ваквата одлука на судот тогаш беше донесена со тесно мнозинство. Јавно и јасно, на ваквата одлука се спротивстави уставниот судија Дарко Костадиновски, во своето издвоено мислење. Тој, за разлика од мнозинството колеги, смета дека подносителот на иницијативата е во право.
„Мој став е дека Уставниот суд, во толкувањето на одредени уставни норми, секогаш треба да пристапува низ призмата на целовитост на Уставот, и толкувањето мора да биде во согласност и во светлина на највисоките уставни вредности, начела и гаранции. За мене не постои дилема дека повеќе уставни вредности, начела и гаранции се повредени со начинот како е уредена оспорената одредба. Согласно членот 9 од Уставот ‘граѓаните пред Уставот и законите се еднакви’. Во конкретниот случај со оспорената одредба граѓаните не се еднакви пред Уставот“,
вели уставниот судија Дарко Костадиновски во своето издвоено мислење за решението за предметот под број 299/20220.
Вообичаено за Уставниот суд е кога ќе донесе ваква одлука, за неповедување постапка за одреден член на закон, таквата судбина да ја следат и евентуалните други иницијативи за истиот тој член. Но, сепак, прашавме во Уставниот суд – дали, во теорија, е можен различен исход во конкретниот случај? Ни одговорија дека не би требало, но дека е можно.
„Под претпоставка дека се мисли на ситуација кога Судот одлучил дека не постојат основи за поведување постапка за оценување уставност на одредени законски одредби, Ви укажуваме на член 29 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија според кој, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, меѓу другото и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во однос на последното, напоменуваме дека истото е само одговор на Вашето прашање, без да се прејудицира било каква идна одлука на Судот, за која треба допрва да се изјаснат судиите“,
велат од Уставниот суд.
На денешната седница на Уставниот суд, уставните судии само ќе гласаат за иницијативата на штедачите. Расправата по точката се исцрпи на 25 март 2021 година, но не се донесе одлука. Токму на таа иницијатива седницата под број 9 на Уставниот суд беше прекината.
Првично, таа седница и дискусијата за Законот за банките требаше да продолжи на 7 април. Но, се одложи и таа седница, па сега епилог се очекува денеска. Неофицијално, во архивата на Уставен има уште неколку иницијативи што го спорат член 163, став 3 од Законот за банките.
Судир на интереси или не?
Дополнителна компликација во целиот процес е што двајца судии на Уставниот суд имаат декларирано штедни влогови во Еуростандард банка, а еден од нив, судијата Дарко Костадиновски, му е кумашин на Коста Костовски, најголемиот акционер во пропаднатата банка. На прашањата на „360 степени“ за потенцијалниот судир на интереси, од Уставен одговорија дека не коментираат „шпекулации“, но и дека судиите самите се придржуваат до Законот за судир на интереси.
Уставниот судија Дарко Костадиновски изјави дека нема да изземе од гласањето и ни образложи зошто смета дека нема судир на интереси.
„Не, нема да се изземам, затоа што за да се изземам во предмет, како што имам правено порано, треба да биде конкретно барање, на пример за заштити на слободи и права. Во случајов, станува збор за апстрактна уставна контрола на законска одредба која се однесува на неопределен број на субјекти, а не на поединечни субјекти“,
изјави за „360 степени“ уставниот судија Дарко Костадиновски.