Граѓаните што се на возраст под 60 години, а кои се веќе вакцинирани со прва доза од „Астра Зенека“, ќе примаат втора доза од вакцината од друг производител, одлучиле синоќа германскиот сојузниот и регионалните министри за здравство во Германија.
Ваква препорака претходно имаше и од германските експерти.
Германија на 30 март одлучи да ја прекине вакцинацијата со „Астра Зенека“ кај лицата под 60 години поради можноста од згрутчување на крвта.
Според новинската агенција ДПА, на граѓаните под оваа возрасна граница, кои се вакцинирале со „Астра Зенека“, ќе им се понуди втората доза да ја примаат од вакцините на „Фајзер“ или „Модерна“.
„Ваквото решение ќе понуди добро ниво на заштита“,
изјавил баварскиот министер за здравство, Клаус Холечек.
Пред околу една недела со ваков став излегоа и властите во Франција, со таа разлика што втора доза од друг производител тие ќе користат за граѓаните под 55 години.
Одлуката на нашите здравствени власти, пак, е дека со „Астра Зенека“ ќе се вакцинира населението над 60 години. За граѓаните што се вакцинираа во Србија со оваа вакцина министерот за здравство Венко Филипче рече дека дополнително ќе се излезе со став која вакцина да ја примаат како втора доза.