Богдановиќ не специфицира дали повел постапка за суспензија, туку зборува за одлуките за мораториум, кои немаат врска со можноста што ја дава член 23 од Законот за урбанистичко планирање
Богдановиќ може да го стопира процесот доколку поднесе барање за суспензија на постојниот Детален урбанистички план донесен во 2012 г., вели шефицата на ДКСК, Билјана Ивановска
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, не го спровел заклучокот на Советот на Општина Центар, со кој му било наложено да поведе постапка за суспензија на спорните детални урбанистички планови. Според заклучокот објавен во општинскиот Службен гласник на 17 декември минатата година, тој бил задолжен да започне постапка за суспензија според член 23 од Законот за урбанистичко планирање и во рок од 10 дена да ја достави потребната документација до Министерството за транспорт и врски.
Член 23 од Законот за урбанистичко планирање предвидува начини со кои одреден урбанистички план, негов дел или планска одредба може да биде суспендиран од примена. За да се случи тоа, потребно е да се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, која би се зголемувала со неговото спроведување, а сето тоа поради негова спротивставеност со законот и прописите донесени врз основа на него, поради неговата неусогласеност со планови од повисоко ниво или поради плански решенија чии штетни последици по јавниот интерес не биле воочени во постапката за негово донесување.
Според предвидената постапка, која градоначалникот Богдановиќ бил обврзан да ја спроведе, одлуката за суспензија требало да ја донесе врз основа на стручен елаборат за суспензија на применувањето на урбанистичкиот план, негови делови или плански одредби, изработен од комисијата за урбанизам, а по претходно добиено мислење од министерот што раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, кое се издава во рок од 15 работни дена по приемот на стручниот елаборат и барањето за мислење.
Од Министерство за транспорт и врски за „360 степени“ велат дека од Општината до нив не е доставен елаборат за суспензија на урбанистички планови, иако од одлуката на Советот на Општина Центар се поминати четири месеци.
Од Општина Центар негираат дека не ја испочитувале одлуката на Советот, но на прашањето од „360 степени“ – зошто досега не е поднесен стручниот елаборат за суспензија, оттаму даваат општ одговор и велат дека до надлежното министерство ги проследиле сите спорни урбанистички планови.
„Од Министерството добивме одговор-известување дека им се потребни дополнителни информации и акти, кои Општината ги чекаше и сѐ уште ги чека од Комората на архитекти, за документацијата да биде комплетна и целосна. Нашата борба не застанува тука. Општина Центар продолжува со активности и преку други институции, кои веруваме дека може да придонесат за целосно расчистување со урбанистичките грешки направени во минатото“,
одговорија од Општина Центар.
Користејќи сличен стил, своето однесување денеска пред Антикорупциската комисија го правдаше лично градоначалникот Богдановиќ. Тој не специфицира дали повел постапка за суспензија, туку зборува за одлуките за мораториум кои немаат врска со можноста што ја дава член 23 од Законот за урбанистичко планирање.
„Значи, ние сите 31 план ги зедовме подеднакво и не е точно дека не сме постапиле. Баш тој план (паркингот спроти ‘Холидеј ин’) беше ставен под суспензија исто како другите. Сите планови беа третирани исто. Тој план дојде до 14., 15. чекор, каде што едноставно дојдовме во судир со планерската куќа и поради тоа покренавме одредени постапки. Ете, ние покренуваме, донесовме мораториум еднаш, донесовме мораториум вторпат, иако не смееме. Јас се соочив со кривична одговорност и денес секој може да ме гони кривично затоа што по одлука на Уставен суд носам повторно одлука. И еве, сега пак застанувам јавно и кажувам дека сите предмети ги доставуваме до надлежни институции за да преземат нешто. Имаме неусогласен план, стручни комисии го докажале тоа. Постапуваме по тоа, но ако некој не го фати за гуша тој што направил план во 2012 г., тој што го одобрил, џабе ние расправаме тука“,
рече Богдановиќ.
Но, за разлика од него, претседателката на Антикорупциската комисија смета дека никој не треба да се фаќа за гуша, туку градоначалникот треба да ја искористи можноста што му ја дава член 23 од Законот за урбанистичко планирање. Според неа, Богдановиќ може да го стопира процесот доколку поднесе барање за суспензија на постојниот Детален урбанистички план донесен во 2012 г.
„Поради правни недоречености и бавни одговори на надлежните институции, тука ќе го споменам Министерството за транспорт и врски и соработката со Општина Центар, овој план сѐ уште не е под суспензија. Го охрабрувам градоначалникот да размисли пред да ја донесе одлуката за давање дозвола, да ги испита сите можности за да го стави планот под суспензија и да не донесува дозвола за градење за план кој не е во согласност со Генералниот урбанистички план“,
појасни претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“ е на територија на еден од спорните ДУП-ови за кои Општината повеќе пати носеше одлуки со кои беше востановуван мораториум, но Уставниот суд минатиот месец ја укина таа одлуката и практично дозволи градење според постоечкиот ДУП, иако тој не е во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје.