Според проценките на невладиниот сектор повеќе од 5 000 жители на Шуто Оризари во моментов се без матичен лекар. Тие се принудени да гравитираат во други општини и да молат некој доктор да ги прими. Тоа носи дополнителни финансиски трошоци, но и ризик од ширење на ковид-19.
Во турканиците за да се стигне до доктор, во втор план паѓаат мерките за заштита од ковид-19.
„Болни се трите деца дома, немаме никаков лекар, не ги примаат“, „Нехигиена… и нема да фатиме корона, како нема да фатиме?“, „Ова е катастрофа во Шутка, за никаде….“
велат жителите од Шуто Оризари.
Возрасни и деца, со или без симптоми на коронавирус, собрани на куп, мака мачат да дојдат до матичен лекар.

-Што сакаат тоа ти прават. Ќе те запишат и ајде, не те примаат внатре.
-Зошто?
-Еве, не ги гледаш? Ја отвора вратата, ти кажува што треба и тоа. Не сака да те прими за жива глава.
коментираат граѓаните.
Магбер Ибраим два месеца е без редовната терапија, шетајќи по доктори за да добие нов рецепт. Како поранешна медицинска сестра вели дека секое доаѓање во поликлиниката во Шуто Оризари за неа е разочарување.

„Нема доволно луѓе, нема персонал. И мораме вака зад затворени врати да чукаме, да бараме доктор или сестра било што. Лекари во пензија заминале, замена на нивни места нема. Гинеколог нема. И што понатаму да дискутираме? Ми се чини дека ова е отфрлена амбуланта и никој не помислува на овие луѓе, како да не сме луѓе. Како да сме од некоја џунгла дојдени,“
вели таа.
По одливот на медицински кадар, во оваа поликлиника останаа четири ординации по општа медицина од кои речиси сите се со по еден доктор. А особено во време на пандемија, на луѓето им е очајно потребна лекарска помош.

-Ова е малце. Оваа гужва е малце. Уште малце почекајте да видите, редици овде.
–Чекаме по два три саати, доаѓа времето си одат. И како ќе се лечиме ние тука?
–Од 2 саат немаме доктор. Тоа е крајно. До 7 и пол ако сакаш умри тука пред врата
-Дежурен доктор нема. Вчера старата ја донесов, оттука заминавме во Чаир. Зошто? Кога имаме во наша општина здравство треба да се лечиме тука ние.
коментираат дел од жителите кои чекаат ред пред поликлиниката во Шуто Оризари.
Додека тешко стигнуваат до доктор и оние што имаат матичен лекар, некои граѓани немаат можност ниту да застанат во редот за чекање.
-Колку време сте без матичен лекар?
-Уф, па не знам точно колку има од како отиде во пензија..Што ќе биде, недај боже да се разболиме не знам што ќе биде...
вели една од жителите во Шуто Оризари.
Граѓаните чии матични лекари заминаа во пензија, нема кој да ги прими. Не можат да закажат ниту ПЦР-тест, ниту термин за вакцинација против ковид-19.

–Три внуци имам немаат матичен лекар.
–Здравствено осигурување имате ли?
– Се имаме, се имаат децата. Ама не ги примаат не знам зошто, велат многу деца имаме и тоа.
-Не сака во Шутка никој да доаѓа
-Зошто?
–Тоа да го прашаш министерот.
велат дел жителите на Шуто Оризари.
Според проценките на невладиниот сектор, повеќе од 5 000 жители на Шуто Оризари во моментов се без матичен лекар. Тие се принудени да гравитираат во други општини и да молат некој доктор да ги прими. Тоа носи дополнителни финансиски трошоци, но и ризик од ширење на ковид-19.

„Побаравме под итно во екот на пандемијата да се решат сите овие работи затоа што не смееме да ги оставиме граѓаните на Шуто Оризари без здравствена грижа“,
вели Фадил Џемаил од Иницијативата за развој и инклузија на заедниците.
Активистите, во меѓувреме, им помагаат на граѓаните во мисијата да стигнат до матичен лекар. Но, нивната помош не е доволна за сите.
„Ние користиме наши познанства, пријатели, да ги запишеме кај некој лекар за да можат да им препишат лекови или упат. Инаку, во друг случај, сите вакви пациенти остануваат на улица“,
вели Џемаил.
Непристапноста до основна здравствена грижа неретко предизвикува расправии и конфликт меѓу медицинскиот кадар и граѓаните. За последниот инцидент, кој беше објавен на социјалните мрежи, се бараше и полициска интервенција.

А бројните конфликти и условите за работа, едноставно, ги одвраќаат лекарите од оваа поликлиника.
„Викање, урлање, слушам стално. Никој не се грижи. Луѓе доаѓаат со тешки заболувања и никој не ги гледа. Никој не се замара со нив“,
вели жител од Шуто Оризари.
Според жителите во Шуто Оризари има само една причина за овој проблем.
„Прво не гледаат како Роми. Тоа прво. Тоа ќе биде со години и со векови. Само заради тоа,“
вели тој.
Но, проблемот не е само во Шуто Оризари.

Според последниот извештај на Фондот за здравство евидентно е дека бројот на матични лекари во земјава се намалува. Ако во текот на 2017 година имало 1 577 матични лекари, до крајот на 2019 година, бројот бил 1 445, што е намалување за 132 лекари. Најголем дел од матичните лекари работат во Скопје (472) , додека најкритично е во Источниот (109) и Вардарскиот регион (110).
„Рачунајте колкава популација таму ќе имаа касно откриено карциноми на простата, карциноми на матка, дојка, касно откриени дијабети коишто многу ќе ја коштаат државата. Не може сите во Скопје на клиника да работат. Тука е проблемот – немаме систем“,
вели Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари.
Според претседателката на Здружението на приватни матични лекари, Лилија Чолакова Дервишова, матичните лекари имаат преголеми одговорности, а никакви привилегии, што смета дека уште еднаш се покажа за време на ковид-кризата. Според неа, меѓу главните проблеми на лекарите се ниските примања и административните пречки при запишување пациенти и вработување млад кадар.

„Фалат системски решенија. 63 денари е капитација. Не може министерот да кажува дека во 2019 за 8 денари се качил бодот. За да добиете претстава што зборувам, во 2001 година го сменивме начинот на плаќање и тогаш капитациониот бод беше 45 денари, сега е 2021 години, капитациониот бод е 63, мислам дека се е јасно“,
вели Чолакова Дервишова.
Но, не недостасуваат само матични лекари.
„Мене ми значи се да одам на контроли, ама кога немаш пари…Три контроли само сум направила, три контроли ме фатија 2 000 денари. Крв, мокрача, брис… а јас немам, 12 деца ги ранам“,
вели Сузана Селим од Шуто Оризари.

Сузана Селим од Шуто Оризари е при крајот од својата тринаесетта бременост. За гинеколошки прегледи мора да оди во други општини, каде е изложена на незаконска наплата за прегледи што законски и следуваат бесплатно, но и на дополнителен здравствен ризик.
„Ти е страв да одиш доле, не знаеш кој е болен кој не е болен. А јас од астма болувам. Надвор не излегувам. До лекар и дома. Треба тука да има не само доле. Со такси ќе одиш ќе се враќаш. И ти даваат термин другата недела дојди, имаш немаш, дојди снајди се. А мораш да одиш да гледаш“,
вели таа.

„Кога се работи за ромската заедница очигледно е, повеќе од очигледно дека институциите немаат сенс за итноста и за потребата, се работи за здравје, а тоа не треба да остане нешто што е недостижно за луѓето.“
вели Салија Бекир Халим од Иницијативата на жени на Шуто Оризари.
По една деценија и неколку неуспешни обиди да се ангажира гинеколог во поликлиниката во Шуто Оризари, со помош на невладиниот сектор се најде заинтересиран доктор. Но, и по речиси половина година оттогаш, неговата ординација се уште е под клуч.
Министерот за здравство Венко Филипче уверува дека е при крај опремувањето на ординацијата на гинекологот и дека тој наскоро ќе почне да работи. За десетина дена тука треба да почне со работа и нов матичен лекар, кој се пријавил по шест неуспешни огласи. Паралелно, вели дека се подготвуваат законски измени за реформирање на примарното здравство.

„Суштината на измената на законот е болничките гинеколози и педијатри да можат да бидат и матични и да прикрепат пациенти, и со тоа, ќе дадам конкретен пример – гинеколозите од Прилеп ќе можат да ги покријат потребите на жителите од Крушево, Демир Хисар итн, и вработените општи лекари во службите, во делот на Брзата помош, да можат да бидат и матични лекари. А сегашните матични лекари да можат да дежураат во болничките установи“,
вели Филипче.
Но, дел од овие решенија беа најавени уште во 2019 година. Зошто се уште не се имплементирани, министерот вината ја префрла на пандемијата и уверува дека реформите ќе „заживеат“ откако ќе се надмине третиот бран од ковид-19. Со нив, меѓу другото, треба да се зголемат финансиите и флексибилноста во работата на матичните лекари и гинеколозите.
„Ги стимулираме да работат на повеќе нивоа, во системот на здравствена заштита и примарно и секундарно, да не им биде скратена можност за специјализација, да имаат два извори на финансирање еден преку болничкиот сектор, друг преку системот на матични лекари“,
вели Филипче.

Дури и ветувањата да се исполнат и Шуто Оризари да добие матичен лекар и гинеколог, тоа нема да биде доволно за сите жители. Без реформи, факт е дека допрва ќе има се повеќе граѓани без здравствена заштита. Оние што имаат услови ќе се лекуваат приватно, а за другите, единствен „лек“ ќе остане оптимизмот.
„Досега сме здрави живи, понатаму ќе видиме. Може нема да се разболиме“,
се надева жителка на Шуто Оризари.