Француските власти денеска излегоа со став дека лицата под 55 години кои се вакцинирале со прва доза од „Астра Зенека“ треба да ја примаат втора доза од вакцина на друг производител.
Ова се однесува на околу 500 000 Французи, помлади од 55 години, кои досега примиле прва доза од „Астра Зенека“.
Франција минатиот месец донесе одлука со оваа вакцина да се имунизира само населението над 55 години, а тогаш првичниот став беше оние кои веќе примиле првата, треба да ја примаат и втората доза од „Астра Зенека“, пишува „Франс24“.
Променетиот став сега значи дека пола милион жители кои веќе примиле прва доза, втората ќе ја примаат од „Фајзер“ или „Модерна“.
Одлуката на нашите здравствени власти, пак, е дека со „Астра Зенека“ ќе се вакцинира населението над 60 години. За граѓаните кои се вакцинираа во Србија со оваа вакцина, министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека дополнително ќе се излезе со став која вакцина да ја примаат како втора доза.