Шефот на дипломатијата кажа дека неделава имал состанок со грчкиот амбасадор во земјава, на кој основна тема било да се дефинира терминот и начинот како нашите граѓани ќе може да патуваат во Грција.
Владата сè уште не добила официјална потврда од Грција за отворање на граници за наши државјани, откако министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека добил таква најава од грчкиот министер за туризам.
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Грција како членка на ЕУ, сепак, остава одредена резерва, бидејќи Унијата може да донесе некои други правила. Отворањето на границата, според него, е многу важно поради економските активности, трговијата, туризмот … Сепак, тој очекува од средината на мај слободно да се патува во Грција како што е во повеќето земји во регионот, а се надева дека по тој пример ќе одат и другите држави од ЕУ.
На оваа тема денеска зборуваше и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кој истакна дека засега нема официјална одлука за денот и начинот на отворање на границите со Грција.
„Очекувам дека сигурно ќе има одредени барања коишто треба граѓаните да ги исполнат за да може да ја поминат границата. Тоа за што ние интензивно разговараме со грчката страна е во однос на транспортните коридори, односно поминување на камионите и новите регулативи за возачите“,
изјави Османи.
Тој кажа и дека неделава имал состанок со грчкиот амбасадор во земјава, на кој основна тема било да се дефинира терминот и начинот како нашите граѓани ќе може да патуваат во Грција.
Министерот за здравство пред три дена рече дека грчкиот министер за туризам најавил дека плановите на Грција се на 14 мај да ги отворат граници за наши државјани, а како услов за влез да биде потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест.
„Тоа што јас зедов обврска е да испратам како ќе изгледаат нашите сертификати за вакцинација со потребните кодови и листата на официјални и овластени лаборатории што може да издаваат ПЦР-тестови. Се надевам дека нема нешто драстично да се случи што ќе ја влоши епидемиолошката ситуација во двете земји, меѓутоа, како што сега стојат работите, според најавите од министерот Теохарис, на 14 мај ќе се отворат границите“,
рече Филипче.
