Граѓаните да се вакцинираат против ковид, оти само така ќе го заштитиме нашето здравје и ќе ја победиме пандемијата, порача премиерот Зоран Заев денеска при посетата во Прилеп.
Досега, истакна Заев, вакцинацијата тече со предвидената динамика, но, како што бил информиран од министерот Филипче, 20 отсто од пријавените повозрасни граѓани не се јавиле на пунктовите.
Заев најави дека во април се очекуваат да пристигна и другите најавени вакцини.
„Овој месец ќе стигнат вакцините од ЕУ. Од 651 000 за Западен Балкан, некаде околу 100в000 се за нас и ги очекуваме првите 20 000 или 25 000 да стигнат во април, па понатаму очекуваме на секои 15 дена да стигаат. Следни количини од ‘спутник В’ ги очекуваме исто така во април да стигнат. Уште една количина до 100 800 вакцини очекуваме да ни стигнат од механизмот Ковакс“,
рече Заев.
Тој потсети дека завршуваат последните подготовки во салата „Борис Трајковски“ во Скопје и масовната вакцинација ќе се одвива таму.
„Она што изненадува и нѐ боли е што пријавените, сите, односно тие што се над 75, 77 години, се хронично болни, 20 отсто не се јавија на пунктовите. Апелирам да се јават сите, да ја примат вакцината, ова е важна работа, само на тој начин ќе го заштитиме нашето здравје, само на тој начин ќе ја победиме пандемијата“,
рече Заев.