Состојбата во болниците во земјава е сериозна, заклучиле денеска на состанок министерот за здравство Венко Филипче и директорите на клиниките каде што се лекуваат ковид-пациенти.
„Здравствениот систем секојдневно се менаџира, се обезбедуваат нови болнички легла, медицинскиот кадар е целосно мобилизирани, но состојбата во болниците е многу сериозна. Затоа од огромна важност е граѓаните да ги почитуваат мерките за да ни помогнат здравствениот систем да остане одржлив, во битка со ковид-пандемијата“,
соопшти Филипче.
Според извештаите од болниците, во цела земја се хоспитализирани 1 581 пациент, од кои 654 во ковид-центрите во Скопје, а другите 927 во внатрешноста. Вкупно, засега се слободни околу 260 болнички кревети.
За 24 часа се хоспитализирани 77 пациенти во Скопје
Само во Скопје во изминатите 24 часа се хоспитализирани 77 нови пациенти, а дома се пуштени 75 излекувани.
Најмногу пациенти во главниот град има на Инфективната клиника – 147 и во Градската општа болница „8 Септември“ – 142.
Во ковид-центрите на интерните и на хируршките клиники, пак, вкупно се лекуваат 304 пациенти.
На Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 39 пациенти, а на Клиниката за детски болести има 8 деца позитивни на ковид-19 вирусот. На Клиниката за гинекологија, пак, хоспитализирани се 7 позитивни пациентки.
Кога станува збор за состојбата во ковид-центрите во останатите градови, најмногу пациенти има во болницата во Куманово – 156, но и во Прилеп – 126. Во Охрид се хоспитализирани 103 пациенти.
Во болниците во другите градови има: Битола 89 пациенти, Струмица 85, Велес 76, Кавадарци 65, Штип 60, Тетово 39, Кочани 37, Гостивар 36, Кичево 23, Гевгелија 19 и Струга 13.