Високи претставници, ректори, проректори и професори од 5 универзитети од различни делови на Република Грција, в сабота (3 април) во земјава ќе ги презентираат студиските програми пред сите заинтересирани идни студенти.
Покрај студиските програми, можностите и начините на студирање, секој универзитет ќе ги презентира и специфичностите на градовите во кои опстојува, вклучувајќи го социјалниот студентски живот и, најважно, животните трошоци.
Станува збор за петте универзитети: University Of Western Macedonia, University of Ioannina, National and Kapodistrian University of Athens, University of Macedonia и University of Crete.
Домаќин на овој настан насловен „Learn Greek – Study in Greece“ ќе биде „Pelagonia Association“ – Сертифициран центар за изучување и испитен центар за сертифицирање на познавањето на грчкиот јазик за територијата на Република Северна Македонија со седиште во Битола.

Настанот ќе се емитува онлајн на фејсбук-страницата и на јутјуб-каналот на „Pelagonia Association“ и секој ќе има можност да му постави прашање на некој од гостите, меѓу кои ќе бидат: државниот секретар на Грција за јавна дипломатија Јанис Хрисулакис, претставници на Амбасадата на Република Грција во земјава и на Генералниот конзулат на Грција во Битола.