Пред десетина дена министерот за здравство Венко Филипче најави дека доколку не се намали бројот на новозаразени и на хоспитализирани, можни се нови рестрикции – продолжување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти
Седницата на Комисијата за заразни болести што беше закажана за денеска е презакажана за утре, потврдил министерот за здравство Венко Филипче за МИА.
Комисијата за заразни болести денеска требаше да одржи состанок, на кој требаше да биде разгледана состојбата со коронавирусот, врз основа на што ќе одлучи дали ќе има дополнување на рестриктивните мерки за заштита од вирусот.
Пред десетина дена министерот за здравство Венко Филипче најави дека доколку не се намали бројот на новозаразени и на хоспитализирани можни се нови рестрикции – продолжување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти.
Актуелната состојба со пандемијата ќе биде тема и на денешната седница на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.
Оваа недела надлежните ја окарактеризираа како критична во однос на натамошното ширење на вирусот во третиот бран, во кој се регистрирани голем број заразени и починати. Бројот на активни случаи во државава изнесува 18 000. Во претходното деноноќие беа регистрирани нови 303 случаи на коронавирусот од направени 1 405 тестирања, а починаа 41 лице.
Според најавите, од утре треба да стартува имунизацијата со 24 000 дози од вакцината на „Астра Зенека“ со граѓани над 75 години. Здравствените власти тврдат дека апсолутно нема контраиндикација за граѓани од која било возраст да се вакцинираат со оваа вакцина и порачуваат граѓаните да ги почитуваат мерките бидејќи, како што велат, ова е специфичен период.