Случајот со смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд која изнесе милиони Американци на протести низ улиците против полициската бруталност и расно базираното насилство, треба да ја добие својата разврска.
Во градот Минеаполис (Минесота, САД) денеска започна судењето против полицаецот Дерек Шовин, обвинет за убиство на Флојд. Шовин беше разрешен од должност еден ден по смртта на Флојд, а денеска, по 10 месеци, седна на обвинителна клупа.
Судењето се пренесува во живо, а пред стартот на судскиот процес, како што пренесуваат медиумите, судот во Минеаполис едвај најде 14 поротници за кои се смета дека ќе донесат одлука без предрасуди. Нивниот идентитет не е познат со цел да бидат заштитени од притисок.

Безбедноста околу судската зграда, пак, е подигната на високо ниво, поставени се огради и бодликава жица.
Меѓу клучните тези што треба да се докажат или побијат во текот на судењето се дали полицаецот кој со коленото го притискаше легнатиот Флојд, ја предизвикал смртта, како и дали таквиот начин на постапување е во рамки на полициските овластувања.
9 минути и 29 секунди
Обвинителот кој го води овој случај, Џери Блеквел во воведното обраќање побара поротниците да го запаметат бројот 9 минути и 29 секунди – времето колку што полицаецот Шовин со своето колено го притискаше Флојд на вратот додека лежеше на земја.

„Ќе увидите дека на 25 мај, господинот Дерек Шовин ја предаде значката со тоа што употреби прекумерна и неразумна сила врз Флојд“,
се обрати обвинителот.
Блеквел го обвини Шовин дека не сакал да попушти иако жртвата била со лисици на рацете дури и откако над 20 пати Флојд се пожалил дека не може да дише.
Како што рече, полицаецот притискал „додека не го исцедил животот од Флојд“.
„Полицаецот го правеше тоа за што е обучен“
Адвокатот на обвинетиот поранешен полицаец, Ерик Нелсон, пак, го бранеше својот клиент дека си ја работел својата работа и постапувал според тоа како е обучен за време на неговата 19-годишна кариера.
„Употребата на сила не е привлечна, но е неопходна компонента во полициското работење“,
рече адвокатот Нелсон.
И покрај употребената сила, одбраната на Шовин се потпира на тоа дека ова не ја предизвикало смртта на Флојд.
„Смртта на Флојд беше предизвикана од супстанци во неговиот организам, во комбинација со срцеви заболувања, висок крвен притисок и адреналин. Доказите се многу подолги од споменатите 9 минути и 29 секунди“,
рече Нелсон.
Флојд почина на 25 мај лани, откако беше приведен од неколку полицајци на кои на помош им дошол и обвинетиот за убиството, Шовин. Приведувањето се случи откако Флојд се обидел да плати со фалсификувана картичка во продавница, по што вработените му повикале полиција. При приведувањето, Шовин со нога го притискаше вратот на Флојд, а видеоснимката од тој настан го обиколи светот. Првичната обдукција покажа дека смртта настапила од задушување. За соучесништво се обвинети уште тројца полицајци, кои исто како и Шовин повеќе не се на должност.
„Црните животи се важни“
Смртта на Џорџ Флојд го воскресна движење „Црните живот се важни“ (Black Lives Matter) кое доби огромно меѓународно внимание и стана глобално препознатливо.

Првично, движењето се „роди“ на социјалните мрежи уште во 2013 со користење на „хаштаг“. На тој начин, приврзаниците го изразуваа својот револт против ослободителна пресуда за смртта на афроамериканскиот тинејџер Трејвон Мартин. Движењето доби уште поголемо внимание во 2014 со протестите за смртта на двајца афроамериканци, еден во Фергусон, друг во Њујорк.
Тоа стана глобално препознатливо по убиството на Флојд за што протестираа милиони Американци ширум САД.
Денеска, движењето „Црните животи се важни“ опфаќа широк спектар од активисти и организации, но генерално нивните активностите се во насока на борба против полициското насилство кон луѓето со црна боја на кожата, како и залагања за нивна рамноправност.