Реакцијата следи откако бугарската министерка Захариева наредила во бугарското МНР да биде повикан македонскиот в.д. амбасадор, затоа што Институтот од Љубљана, кој своевремено фигурираше на листата на советници на Заев, објавил, како што се посочува, низа написи со цел да го дискредитира и поткопа угледот на Бугарија
Постапката, вршителот на должноста амбасадор на нашата земја во Софија, Владимир Крстевски да биде повикан на разговор во бугарското Министерство за надворешни работи за ставови изразени во анализата изготвена од Институтот за балкански и блискоисточни студии (ИФИМЕС) од Љубљана е несоодветна, бидејќи таа никако не е поврзана со Владата, регираа вечерва од Владата преку соопштение од прес- службата.
Реакцијата следи откако министерката Екатерина Захариева побарала в.д. шефот на нашата Амбасада во Софија да биде повикан во бугарското Министерството за надворешни работи, за да објасни дали македонската Влада е поврзана со кампања за како што се вели „клевета против Бугарија“ на ИФИМЕС.
Се работи за анализата која на 15 овој месец ИФИМЕС ја објави насловена „Избори во Бугарија 2021: Бугарски ‘десант’ на Северна Македонија“, во која се наведува, меѓу другото, дека Бугарија ги извезува во С Македонија напластените внатрешни проблеми, додека идентитетските прашања се само изговор.
Од бугарското МНР нагласуваат дека на веб-страницата на Владата на Република Северна Македонија се наведува дека словенечката организација (ИФИМЕС н.з.) има договор со извршната власт во Скопје од 2017 до 2020 година, за што добивала 1 000 евра месечно.
Од Владата потврдуваат дека ИФИМЕС бил ангажин за советодавни услуги, но дека веќе две години нема никаков ангажман со Владата, а дека и претходните ангажмани никако не биле поврзани со македонско-бугарските односи.
„Навистина, ИФИМЕС беше ангажиран како реномиран институт за советодавни услуги врз основа на анализите за политиките за превентивната дипломатија и градење мерки на доверба на регионално и глобално ниво, но нивниот договор со Владата на Република Северна Македонија заврши во 2019 година. Веќе две години овој институт нема никаков ангажман поврзан со работата на Владата, ниту било каков правно обврзувачки обврски со Владата и со Канцеларијата на претседателот на Владата. ИФИМЕС и пред 2019 година никогаш не бил ангажиран за анализи поврзани со односите меѓу Северна Македонија и Бугарија“,
се вели во владиното соопштение објавено вечерва.
На крајот, од Владата истакнуваат дека остануваат посветени и отворени за интензивни разговори и за пријателски дијалог за што побрзо да се дојдеме до решенија за унапредување на односите меѓу двете земји.
„Очекуваме и иницираме пријателските манири и односи да се интензивираат од двете страни за да можеме час поскоро со Бугарија да кажеме дека ‘најдовме решение во кое нема поразени’ и што поскоро заедно да се справуваме со предизвиците кои ги носи новото време“,
се вели во соопштението.
Во првиот мандат на Зоран Заев на чело на Владата, ИФИМЕС, како организација, фигурираше на листата на негови надворешни соработници. Директорите на ИФИМЕС, Зијад Беќировиќ и Алаф Бакхатирај, исто така, беа ангажиран како советници на Заев за економски прашања и за соработка на Македонија со земјите од Југоисточна Европа, но тие не ги наплаќаа своите услуги.