Претседателот на Комисијата за заразни болести изјави дека разликата меѓу овој пик на коронавирус и претходните е што сега е присутен британскиот сој, кој се шири за 50 до 70 проценти побрзо и што тој го нарече „чудовиште“
Следната недела е круцијална за развојот на ситуацијата со ковид-19, во делот на заболени, хоспитализирани, починати и болнички кревети, според претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски.
„Се уште не сме го достигнале максимумот. Секој респираторен вирус ја има својата активност шест до осум недели. Во моментот сме на крај на шестата недела. Круцијална е седмата недела во делот на заболени, хоспитализирани, умрени и болнички кревети“,
рече Караџовски во гостување на Канал 5.
Засега, како што истакна, проценките на Комисијата за заразни болести се дека нема потреба од воведување дополнителни рестриктивни мерки, бидејќи со нив ништо не би се постигнало. Пример, како шгто рече, се соседните држави што воведоа карантин, но бројот на заболени не се намали.
Караџовски, во гостувањето на Канал 5, изјави дека разликата меѓу овој пик на вирусот и претходните е што сега е присутен британскиот сој што се шири за 50 до 70 проценти побрзо.
„Кај нас со сигурност ги имаме чешкиот и британскиот сој. Кај овој британски сој во рок од 24 до 48 часа се развива клиничка слика која е навидум лесна, меѓутоа за нецели три дена се прави воспаление на бели дробови и тешка компликација. Ако некогаш велевме дека инкубацијата трае до 14 дена, сега е три до пет дена. Клиничката слика може да се појави нагло, во мал временски период со навидум лесни симптоми и со многу потешка компликација прво на белите дробови, но имаме мултисистемско зафаќање од глава, срце, црн дроб, бубрези до оштетување на крвните садови. Значи мултисистемско зафаќање од „чудовиште” ,
рече Караџовски.
Оцени дека има широка трансмисија на вирусот, но оти засега здравствениот систем има капацитет да издржи.
Во моментов, како што образложи, вирусот е најдоминантен кај категоријата на граѓани од 30 до 39 години.
„Младите од 30 до 39 години се доминантна група каде што се шири вирусот, бидејќи тие излегуваат од дома, се дружат, не ги почитуваат некаде мерките и проблемот е во тоа што повеќето стануваат позитивни и вирусот го носат дома“,
рече Караџовски.
Посочи дека се намалува бројот на хоспитализации од 40 до 50 години, но се зголемува бројот на хоспитализации од 30 до 39 и над 60 години.