Минимизирањето, кое го практикуваат во западните земји и САД, претставува прекинување на снимањето/следењето во момент кога евентуалните сторители на кривични дела водат разговор од приватноста
Потребна е меѓуинституционална доверба за да може да се спроведува таканаречена минимизација при следењето на телекомуникациите на евентуални сторители на кривични дела, вели судијата од Кривичниот суд во Скопје, Ненад Савески.
Тој во вечерашната дебата на „360 степени“ на тема поврзана со спроведувањето на посебните истражни мерки (ПИ-мерки) зборуваше за можноста кај нас да се практикува минимизирање во следењето на телекомуникациите. Минимизирањето, кое го практикуваат во западните земји и САД, претставува прекинување на снимањето/следењето во момент кога евентуалните сторители на кривични дела водат разговор од приватноста, а ќе продолжи тогаш кога ќе се процени дека разговорот добива тек кој ќе биде од значење за истрагата.
„Кај нас нема законска пречка за да се практикува минимизирање. Но, тоа носи и други ризици. Не само дека може да се пропушти евентуално откривање на сторители на кривично дело или видот на кривичното дело, туку постои ризик и да се злоупотреби истото. Затоа, на овие позиции потребно е да бидат професионалци кои имаат издигнато свест и ќе препознаат кога е границата на дозволено слушање, а кога е пречекорување. Потребна е доверба меѓу институциите, затоа што кога се предава извештајот, јавниот обвинител врши контрола на тој материјал и треба да има впечаток дека следењето или евентуалната минимизација е направена без злоупотреба и без пречекорување на дозволеното. Злоупотребата пак, може да биде и во насока на прикривање на евентуални сторители на кривични дела“,
вели Савески.
Тој е еден од учесниците кои изработија прирачник за спроведување на мерките за следење на телекомуникациите како сегмент од пошироката програма за реформа на безбедносно-разузнавачкиот сектор кој во изминативе години ја спроведуваше Женевскиот сектор за управување на безбедносниот сектор (ДКАФ).
„Правото на приватно е вредност која е заштитена со меѓународното право и кај нас се ужива таа заштита како уставна категорија и во таа насока во западно-европските систем, вклучително и во САД, го практикуваат принципот на минимизирање. Тоа значи дека во моментот оној кој ја слуша конверзацијата оцени дека станува збор за приватна сфера тогаш го прекинува слушањето. Но, тоа носи соодветни ризици, бидејќи меѓу тие двајца соговорници може да се развие разговор кој евентуално би упатувал на тоа дека се сторители на кривично дело, или отрикавње на идентитетот на сторителите и слично. Но, за да се надмине тој ризик вклучувањето оди повеќепати во различни временски интервали“,
додаде Савески.