Премиерот Зоран Заев очекува поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за спроведување на пописот доколку се вакцинираат попишувачите, кои, како што нагласи, секако се планирани во првата категорија граѓани за имунизација.
„Верувам дека по пораката испратена синоќа од Мицкоски, дека ако се вакцинираат попишувачите, а тие се секако планирани во првата категорија, тие јавно ќе дадат поддршка за пописот. Тогаш ќе бидеме навистина сите политички субјекти ‘за’ пописот, освен Левица, и ја користам можноста да ги повикам двајцата пратеници во парламентот и нивните структури во партијата да се приклучат во оваа важна статистичка операција“,
изјави Заев.
Премиерот очекува околу тоа да се изјасни и здравствената комисија и нагласи дека тоа ќе биде важен момент за опозицијата да даде поддршка.
Тој не сакаше да прејудицира, но најави дека в понеделник ова ќе биде една од темите на разговор на средбата со Мицкоски.
„Верувам дека изјавите дека нема да отвораат врати се само од поединци. Уште еднаш сакам да ја потенцирам одговорноста што ја имаме сите граѓани пред нашата земја и пред идните генерации. Ќе ја искористам секако можноста да зборувам со Мицкоски за ваквите изјави. Не е суштината во казната од 200-300 евра, таа е голема, не е мала, но се надевам дека нема да ја има затоа што секој од нас може да оддели не повеќе од 10 минути и конечно, после 20 години, да имаме попис во нашата земја. Мал милион податоци и детали, кои ни се насушно неопходни како држава, без разлика кој раководи со државата, за да можеме да креираме соодветни успешни политики, во полза пред сè на економските интереси“,
рече Заев.