Иако премиерот вчера спомна и лидерска средба и вонредна состојба, како сценарија за излез од кризата во Собранието, во соопштението од кабинетот на спикерот, за денешната средба, се спомнува само опцијата за редовни и ад-хок координации меѓу пратеничките групи
Претседателите на Собранието и на Владата, Талат Џафери и Зоран Заев, имале денеска куса средба во парламентот.
Претходно, Џафери беше на брифинг со новинари, од каде што замина околу 10:45 часот. Во меѓувреме, се случија и неколку пресврти во Собранието.
Иако Заев вчера најави дека на средбата ќе биде и негов коалициски партнер – лидерот на ДУИ Али Ахмети, нема информација за негово присуство – во соопштението што, неколку часа подоцна, го лиферуваше кабинетот на Џафери. Исто така, нема фотографија од средбата, за која од кабинетот на Џафери велат дека била кратка и се одржала пред седницата за пратенички прашања, која беше закажана за 11 часот.
Џафери, прво, неочекувано закажа продолжение на 36.седница, во 11.30 часот. Овој потег, првично и навидум, ја затекна и налути опозицијата. Но исходот, што се случи за време на координацијата на паузата меѓу двете седници, беше договор меѓу мнозинството и опозицијата за деблокада на законите што произлегоа од петтиот сет антикризни мерки.
Претходно, на средбата Џафери – Заев, како што информираат од кабинетот на спикерот, биле разгледани сите процедурални аспекти на функционирањето на Собранието.
„Наша заедничка констатација е дека парламентарната дебата останува во Собранието, помеѓу пратеничките групи и претставниците на политичките партии и тука треба да продолжи и да се изнајде соодветно процедурално решение за продолжување на работата на Собранието. Тоа е така затоа што, наша заедничка констатација е дека Собранието е институција на граѓаните и е подеднаква обврска како на пратениците од власта, така и на пратениците од опозицијата, во контекст на учеството во работата на Собранието, согласно со Деловникот за работа. Со надеж дека ќе продолжиме со редовните и ад хок координации, мислам дека ќе ги најдеме потребните заеднички решенија во корист на граѓаните, за да продолжи со работа Собранието и да ги исполни барањата на граѓаните, во контекст на кризата и последиците од кризата врз животот на граѓаните воопшто“,
се наведува во соопштението од средбата.
Иако Заев вчера посочи најмалку три опции (координации во парламентот, вонредна состојба, лидерска средба…) за надминување на проблемите со кворумот и со блокадите во парламентот, во соопштението за средбата од кабинетот на Џафери, практично, се спомнува само опцијата за координации меѓу пратеничките групи.
Претходно, Џафери, на брифингот со медиумите, посочи дека во овој момент е речиси невозможно да се прогласи вонредна состојба.
„Парламентот сега не е распуштен, како што беше лани ова време, туку има 120 пратеници и може да се состане. Исто така, парламентарното мнозинство нема двотретинско мнозинство за прогласување вонредна состојба, а парламентот овој пат не може да биде прескокнат и таа обврска да ја преземе претседателот на државата“,
рече Џафери.
Исто така, пред извесно време, кога Заев првпат ја спомна можноста за нова лидерска средба, Џафери беше против тоа, посочувајќи дека проблемите треба да се решаваат во институциите, а не на неформални состаноци меѓу партиите.
На денешниот брифинг, Џафери, исто така, рече дека немал координација со опозицијата за деблокада на кворумот, посочувајќи дека нема што да разговара за ултимативни барања. На прашање зошто тогаш прифаќа средби со лидери на партии, како што беше најавената средба со Заев и со Ахмети, Џафери посочи дека една од неговите обврски е да ги координира активностите со другите институции, посебно со Владата, која е овластен предлагач на закони.
На прашање кои, според него, се опциите за надминување на блокадите во парламентот, наспроти опциите на Заев, Џафери рече дека мора да се почитуваат Деловникот и процедурите и дека пратениците, независно на која политичка групација ѝ припаѓаат, се обврзани да доаѓаат на работа и да присуствуваат на седниците, затоа што за тоа земаат плата и одговраат пред граѓаните.
Спикерот се пожали и дека не може да ги казни пратениците од опозицијата за неприсуството на седниците, затоа што нема нормативна основа за тоа.
„Тие не бојкотираат, затоа што во таква ситуација би земале само една третина од платата, туку блокирааат, најчесто со амандмани. Со тоа нема можност да бидат казнети, освен ако трипати по ред не најават свое отсуство од седница, односно ако неоправдано отсуствуваат од седниците“,
рече Џафери.