Предметот се однесува на продажба на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница и во него, меѓу другите, се обвинети пратеникот Антонијо Милошоски и неговиот татко, како и членови на поранешната лустрациска комисија
По многуте одложени рочишта, денеска во Кривичниот суд конечно започна процесот за случајот ,,Моќник“, во кој меѓу обвинетите е и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Предметот се однесува на продажба на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот му бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што им е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра.
Сите обвинети, Милош Милошоски, таткото на пратеникот (првообвинет), поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески (второобвинет), пратеникот Антонијо Милошоски (третообвинет) и другите, Томе Аџиев, Јанаке Витановски, Новица Велјановски, Ѓорѓи Милошевски, Шпенд Винца, Агим Мехмети и Даут Даути, изјавија дека не го прифаќаат обвинението поднесено против нив и не се чувствуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар.
Поопширно образложение имаше еден од обвинетите, Шпенд Винца, кој истакна дека се трудел да го разбере обвинителниот предлог, односно неговата поврзаност со лица кои, како што рече, ниту ги знаел, ниту ги видел, ниту разговарал со нив.
„Ако има прислушувани разговори, нека ги презентираат и јас ќе ги признам. Како може човекот да влијае врз мене кога првпат го гледам во судница. Обвинителниот предлог го отфрлам во целост и не се чувствувам вина“,
изјави обвинетиот Винца при неговото произнесување за вината.
Случајот го води судијката Ленка Давиткова, а застапници на обвинението се јавните обвинители Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Според Обвинителството, прво и второобвинетиот се товарат дека сториле кривично дело измама, третообвинетиот дека сторил измама и злоупотреба на службената положба и овластување. Со обвинителниот акт другите 10 опфатени лица се товарат дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување.
Според обвинението, во текот на 2011 година прво и второобвинетиот (Милош Милошпоски и Војнески) заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист, ги довеле во заблуда советниците во Советот на Општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување недвижен имот, за кој советниците сметале дека е поранешниот задружен дом, а всушност одобриле отуѓување на зграда со корисна површина од 157 квадратни метри и со дворно место од 3 920 квадратни метри во село Ижишта, Општина Македонски Брод, која ја користела Општина Пласница, наведуваат од Обвинителството.
Со продажбата на овој објект, како што посочуваат од Обвинителството, обвинетите ѝ нанеле штета на Република Северна Македонија во значителна вредност од 1 795 800 денари и за продажбата на земјиштето ѝ нанеле штета на Општината Македонски Брод во значителна вредност од 1 176 000 денари.
Во описот на дејствијата што ги презел третообвинетиот (Антонијо Милошоски), од Обвинителството велат „тој со особен придонес кон делото“, директно искористувајќи ја својата позиција на пратеник, вршел континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите за да не се поништи купопродажбата, со што овозможил да се реализира последицата од делото.
Следното рочиште е закажано за 23 април.