Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, прво ќе се обиде да ги договори осумте независни пратеници исклучени од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, за да гласаат за законот за јавно обвинителство. Негови и претставници на Христијан Мицкоски, пак, утре ќе се сретнат да ја договорат динамиката на разговори за ова прашање.
„Ќе се обидам прво со осумте пратеници, секако ќе разговарам за да обезбедам двотретинско мнозинство, но негувам желба да ги растоварам токму нив од таа одговорност, и тие ја чувствуваат таа одговорност зашто гласаа за ЕУ и НАТО-перспективите. Подготвени сме за сериозна флексибилност“,
изјави денеска Заев.

Сепак, тој потенцира дека би било добро во обезбедувањето на потребното мнозинство да се придружи и ВМРО-ДПМНЕ, а за СДСМ рече дека е флексибилен и подготвен за разговори сè додека не се поминат црвените линии согласно нашиот правосуден систем и рамката која ја дава Европската Унија (ЕУ). Тоа значи, посочи Заев, политичарите да не назначуваат обвинители, да не се прифатат критериуми што ги бара некоја владејачка или опозициска партија со кои ќе се надминат дозволените линии со европската регулатива.
За лидерска со Мицкоски, тој не кажа дека има некаков договор, но е подготвен за средба без разлика кој би ја иницирал.

„Кога ќе ја слушнете изјавата вчера од Охрид, не знаете дали да викате лидерска средба или не, човекот ни се води ни се гони. Јас сум спремен на сè, немам проблеми јас да свикам, мене да ме свика на лидерска… Се сметам за лидер и за одговорен, верувам дека ќе се изнајде решение“,
рече Заев.
Како ќе течат разговорите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, пак, брифираат од социјалдемократите утре на средба ќе договараат претставници на лидерите.
„Денеска нема никакви преговори, договорено е утре да се сретнат претставници на лидерите за да ја договорат динамиката на разговорите. Ние очекуваме од ВМРО-ДПМНЕ конкретни позиции и амандмани на писмено што до сега не сме ги добиле, а најавуваат дека тоа ќе го направат дури во среда“,
брифираат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја потврдуваат средбата. На неа ќе присуствуваат Бојан Маричиќ од власта и Тимчо Муцунски од опозицијата. Од оваа партијата засега во јавноста се воздржани околу забелешките посочувајќи дека треба да се даде простор и шанса на преговорите.
Оттаму досега единстве со првични конкретни забелешки излезе пратеникот Антонијо Милошоски посочувајќи дека нацрт предлог-законот на власта остава простор обвинителите од СЈО да се „вдомат“ во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вчера од Охрид посочи дека засега не е потребна лидерска средба, туку прво да се усогласи законското решение во работните групи, кое според него мора да биде пред се европско и реформско.

„Ова што е предложено од СДСМ е закон што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ кои после 12 април ќе заминат во опозиција. Така што, ако треба да се одржи средба само заради средба, немам намера да го губам времето. Тука се работните групи, во неделата што следи претпоставувам дека ќе имаат состанок и доколку ги приближат ставовите тогаш можеме да зборуваме за одржување лидерска средба“,
рече Мицкоски.