„Станува збор за вакцина која многу родители ја одбија, плаќајќи и парични казни. Ние мораме да ја ставиме, сакаме да ја ставиме, но државата не ни ја обезбедува. Која иронија е тоа“, вели за „360 степени“ загрижена мајка од Скопје
Повеќе од два месеца нема на располагање вакцини против хуман папилома вирус (ХПВ) во земјава. Овие вакцини се задолжителни и, според програмата, имунизацијата се врши со давање две или три дози на вакцината на сите женски деца со наполнети 12 години. Дозите се аплицираат на соодветни временски растојанија, во согласност со Календарот за имунизација.
Родители на кои им била препорачана ХПВ-вакцината за нивните ќерки се загрижени бидејќи од почетокот на годината не можат да закажат термин за вакцинација, бидејќи овие вакцини во здравствените домови ги нема.
„Поради својата здравствена состојба, ќерка ми од пред два месеца има препорака од лекар да се вакцинира со ХПВ-вакцина. Оттогаш, значи два месеца, секојдневно ја барам вакцината низ здравствените домови. Никаде ја нема, ниту лекарите знаат кога би ја добиле. Станува збор за вакцина која многу родители ја одбија, плаќајќи и парични казни. Ние мораме да ја ставиме, сакаме да ја ставиме, но државата не ни ја обезбедува. Која иронија е тоа“,
вели загрижена мајка од Скопје за „360 степени“.
Дека вакцините против хуман папилома вирусот ги нема потврдува и директорот на Здравствениот дом-Скопје, Виктор Исјановски. Тој во краток телефонски разговор ни посочи дека од Нова година наваму ХПВ-вакцини нема и нè упати подетален одговор да побараме во Министерството за здравство.
Оттаму, пак, не успеавме да добиеме информација ниту зошто ги нема ХПВ-вакцините ниту дали и кога ќе бидат набавени. Во 2018 година Министерството за здравство најави дека земјава ќе биде кандидат и за проектот на Бил и Мелинда Гејтс за донација на деветвалентна вакцина против ХПВ. Наредната година беше набавена четиривалентната вакцина која штити од четири типа хуман папилома вирус.
„Во Македонија веќе требаше да ја има и 9-валентната, посовремена, наместо 4-валентната вакцина што ја имавме претходно. Сега, не посовремена, туку нема никаква, ниту за тие девојчиња на кои им е неопходна“,
вели родителка.
Годинава по повод Месецот посветен на борба против ракот на грлото на матката, кој се одбележува во јануари, министерот за здравство Венко Филипче информира дека се намалува бројот на жени со тешка форма на рак на грлото на матката.
„Со осовременувањето на Календарот за имунизација, во 2019 година обезбедивме четиривалентна ХПВ-вакцина, која штити од четири типа хуман папилома вирус. Се намалува бројот на жени со тешка форма на рак на грлото на матката. Ова најмногу се должи на здравствените политики што ги имплементираме во изминатите години. Продолжуваме и понатаму да се грижиме за здравјето на секоја една жена, за рано и навремено откривање на ова заболување. Во месецот посветен на борбата против овој тип рак, да ја подигнеме свеста за редовни контроли и грижа за сопственото здравје“,
рече пред два месецa министерот.
На почетокот на годинава Владата ја прифати предлог-програмата на Министерството за здравство за задолжителна имунизација на населението во С Македонија за 2021 година, во која е содржан план за обезбедување годишни потреби на вакцини за задолжителна имунизација и вакцини по епидемиолошки индикации.
„Во програмата се опфатени возрасните групи подложни за пoeдини вакцинации, видот на вакцини кои се даваат и начинот на давање, Календарот за имунизација на деца од 0 до 18 години и Календарот за ‘catch-up’ имунизација за нередовно вакцинираните деца од 5 до 18 година“,
информираа од Владата по донесената одлука кон средината на јануари.
Вкупно одобрените финансиски средства за оваа програма изнесуваат 805 милиони денари, од кои 415 милиони денари се наменети за обезбедување на потребните количини вакцини за континуирана вакцинација, минимум потребни резервни дози на вакцини и имуноглобулини по епидемиолошки индикации, а 390 милиони денари за набавка на вакцини против ковид-19.