Доктори од ГОБ „8 Септември“ се разочарани и револтирани. Велат дека ја покриваат целата работа во ковид-центрите а нивниот труд не се цени. Освен притисокот од дежурствата, тие се лути затоа што не им се исполнети ветувањата дека ќе добијат додаток за работата во ковид-центрите и дека вредноста на дежурствата ќе им се изедначи на исто ниво како на главниот Клинички центар „Мајка Тереза“
Директорот на болницата Христијан Костов не одговори на нашите прашања за критиките од медицинскиот персонал, а од Министерството за здравство велат дека болницата правела пресметки колку средства се потребни за исплата на инфективен додаток
Целата одговорност и товарот за лекување на пациенти со ковид-19 падна на грбот на интернистите, а никој не ја цени нашата работа. Разочарани сме и уморни, велат доктори од Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје кои се жалат од условите за работа.
За „360 степени“ велат дека, иако им беше ветено, не ги добиваат додатоците на плата за дежурствата во ковид-центрите, во кои, како што посочуваат, дежураат главно интернисти. Посочуваат дека во болницата во моментов има само еден инфектолог, а анестезиолозите во ковид-центрите доаѓаат по потреба.

„Станавме инфектолози, а никој не го цени нашиот труд. Целата работа е на наш грб. Ние ја покриваме инфектолошката амбуланта, тријажата, цело интерно е направено ковид-одделение. Работиме и амбулантски, ама веќе немаме сили. Катастрофа е. Не можам да кажам дека анестезиолозите не работат, ние заедно работиме, но главниот товар го носиме ние. Немаме инфектолози. Не може со еден-два инфектолози да работиме со 150 хоспитализирани и 200 прегледи на ден“,
вели доктор интернист од болницата „8 Септември“ кој сака да остане анонимен.
Тој вели дека проблем е што во дежурствата во ковид-центрите не е вклучен персонал од други одделенија.
„Треба да се вклучат и другите доктори, од одделот за очно, ушно, хирургија… Ако можам јас да работам, можат и тие. И тие се општи доктори“,
вели интернистот.
И раководителот на Интерното одделение во ГОБ „8 Септември“, д-р Зоран Стојановски, вели дека работата на интернистите е потценета.

Во изјава за „360 степени“ тој објаснува дека во моментов Интерното одделение во болницата е затворено за други пациенти бидејќи работи како ковид-центар. Истите доктори, освен што мора да дежураат во ковид-одделенијата, работат и во амбулантите за пациенти со други здравствени проблеми неповрзани со коронавирусот, каде што се прави дијагностика и интервенции како, ехо, ендоскопии и слично.
„Интернистите се навредени бидејќи не се спомнуваат никаде, а тие ја работат целата работа. Секако дека има револт. Анестезиолозите доаѓаат по потреба, ако пациентот е на машина или слично. А, работата на интернистите не се признава, како воопшто да не се вклучени. Дежураат и во инфективниот оддел и во ковид-одделот за интензивна нега, на пулмологија, кадриологија. Се работи и со други пациенти кои не се поврзани со ковид-19, во амбулантите се прави дијагностика. Интернистите покриваат сѐ“
вели Стојановски.
Стојановски смета дека е неопходна реорганизација, со цел во лекувањето на ковид-пациентите да се вклучи поголем персонал.
„Би требало со ротација да се реши, но секој се оградува дека не е стручен. А, ковид-19 е болест во чие лекување сите лекари треба да помагаат, колку што можат и колку што знаат“,
вели тој.
Неисполнети ветувања
Освен притисокот од дежурства, доктори велат дека револтот расте од неисполнети ветувања за нивните примања. Дел од нив неодамна и со протести побараа исплата на инфективен додаток, но и зголемување на вредноста на дежурствата, за кои се жалат дека се двојно помали од оние што ги добиваат нивните колеги од клиничките болници.
По средбата во Министерството за здравство кон крајот на јануари, и директорот на болницата Христијан Костов и од Министерството ветија дека барањата на докторите ќе бидат исполнети.
„На средбата беше договорено вредноста на дежурствата во ковид-одделенијата во болницата да се зголемат за околу 35 %, со што постоечката вредност на дежурствата од 96 % со измените би достигнале до 130 %“,
соопштија тогаш од Министерството за здравство.
Зошто докторите сѐ уште не добиваат инфективен додаток и зошто во системот на ротација во ковид-центрите не се вклучи поголем персонал, директорот на болницата Христијан Костов, до објавата на овој текст, не ни одговори.

Од Министерството за здравство пак, велат дека во тек е изготвување пресметки за тоа колку средства се потребни за исплата на овој додаток. Оттаму укажуваат дека вредноста на додатокот за дежурства на докторите не може да биде иста како на Клиничкиот центар бидејќи, како што велат, станува збор за различно ниво на здравствена заштита.
„Според информациите што МЗ ги обезбеди од ГОБ ‘8 Септември’, имајќи предвид дека секоја јавно-здравствена установа, како посебен правен субјект освен што има право да склучува договори и да вработува лица согласно потребите на установата, исто така согласно колективните договори распределува и додатоци, во моментов ГОБ ‘8 Септември’ прави пресметки за да направи проценка колку средства се потребни за исплата на инфективен додаток. За појаснување, таков додаток е предвиден согласно поединечниот колективен договор на ГОБ ‘8 Септември’. Што се однесува до изедначување на вредноста на додатокот како во Клинички центар, станува збор за различни колективни договори коишто произлегуваат од различното ниво на здравствената заштита. ГОБ ‘8 Септември’ спаѓа во секундарно ниво на здравствена заштита, а Клиниките се на повисоко терцијарно ниво на здравствена заштита, оттука не можат да бидат изедначени додатоците“,
велат од Министерството за здравство.
Од Министерството посочија дека во лекување на ковид-пациенти во ГОБ „8 Септември“ вклучени се 62 лекари специјалисти интернисти и анестезиолози, како и 15 специјализанти анестезиолози, а во тријажниот центар биле вклучени лекари од други специјалности. Сепак, посочуваат дека организацијата на здравствените работници во сите јавни здравствени установи е во надлежност на директорите на здравствените установи.
Инаку, болницата „8 Септември“ беше една од установите кои претрпеа најсилен удар од ковид-19. На почетокот од пандемијата функционираше практично како инфективна клиника. Сега, освен што тука се лекуваат и по повеќе од 100 хоспитализирани пациенти со ковид-19, но и сите други што доаѓаат на прегледи со сомнителни симптоми, болницата паралелно прима и пациенти со други болести, неповрзани со ковид-19. Докторите алармираат дека доколку не се сменат условите за работа, од аспект на организација на дежурства и вреднувањето на нивниот труд, работата со ова темпо не може да оди до недоглед.
„Вака не може на крај да се излезе, работата и грижата за пациентите на овој начин не е ефикасна“,
вели интернист од болницата за „360 Степени“.