Реагирајќи на градежните активности на објектот „Парк“ – Охрид, министерката за култура најави дека на одговорност ќе бидат повикани Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј- Охрид и Управата за заштита на културното наследство
Владата треба да им ги одземе ингеренциите на општините Охрид и Струга во делот на заштитата на културното и природното наследство поради непридржување кон стандардите на УНЕСКО, смета мининистерката за култура Ирена Стефоска.
Таа најави денеска дека ќе иницира до Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие две општини, за што како повод ги посочува градежните активности на објектот „Парк“ – Охрид. Министерката најавува дека на одговорност ќе бидат повикани Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј- Охрид и Управата за заштита на културното наследство.
„Очигледно дека општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО. Оттаму, ќе иницирам пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини. Во делот на надлежностите на Министерството за култура, на одговорност ќе бидат повикани Завод за заштита на спомениците на културата и музеј- Охрид како и Управата за заштита на културното наследство“,
се наведува во изјавата на Стефоска.
По информации за рушење на објектот „Парк“, „Охрид SOS“ поднесе иницијатива за итен инспекциски надзор до Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат, поради, како што се посочува, прекршувања на одредби од Законот за градење. Иницијативата доби поддршка и од Асоцијацијата на архитекти.
„Охрид ЅОЅ“ бара итно сопирање на сите активности на ресторанот „Парк“, сè додека не се разгледа нејзината инцијатива за прогласување на објектот за споменик на културата. Од оваа НВО бараат итно постапување по нејзината иницијатива и ставање на објектот под привремена заштита.
*Поврзани вести: