Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“ на чело со Александар Пандов и Унијата на млади сили (УМС) во недела ќе организираат „Собир за Слобода“ кај штипскиот затвор. Со него, вели Пандов, сакаат да им дадат поддршка на уставобранителите, веројатно алудирајќи на осудените за настаните од 27 април 2017 во Собранието.
„Почитувани браќа и сестри, во недела на 21.03. во 12ч напладне Патриотскиот Институт на ВМРО ДПМНЕ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ и УМС на ВМРО ДПМНЕ организираат мирен ‘Собир за Слобода’ во близина на затворот во Штип во кој противуставно се осудени и лежат уставобранителите на Македонија. Се собираме да им дадеме братска и другарска поддршка да истраат во битката за правда и слобода, а на оние кои ги затворија да им порачаме дека ќе одговараат за ова злодело, и за предавството. И за сите други“,
пишува Пандов во повикот на социјалните мрежи.
Пред нешто повеќе од еден месец Апелацискиот суд во Скопје се огласи за пресудата која ја донесе Основниот кривичен суд во Скопје во најмасовниот судски процес поврзан со упадот во Собранието.
Со одлуката Апелација им ги потврди пресудите на осудените од првостепениот суд, но им ги намали затворските казни за една до две години. Вкупно за 16 осудени беа доделени 188 години затвор. На ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, кој има највисока затворска казна, ја намали за две години, од 18 на 16 години.