Министерката Шахпаска оценува дека состојбата засега е стабилна, а според денешниот неделен пресек, во градинките има 55 новозаразени меѓу вработените и 19 новозаболени дечиња
Состојбата поврзана со ковид-пандемијата во детските градинки е стабилна и тие остануваат и натаму отворени, но ситуацијата се следи постојано и нови мерки би можеле да бидат донесени согласно развојот епидемиолошката состојба, порача денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Таа додаде дека секоја недела се прави пресек на позитивни вработени и деца згрижени во градинките.
„Денеска го правиме пресекот и, согласно денешниот извештај, имаме 55 новозаболени вработени во градинките позитивни на коронавирусот за изминатите седум дена и дополнително 19 позитивни деца. Состојбата е под контрола и постојано ја следиме. За нас врвен приоритет претставува здравјето, пред сè на децата, но и на вработените. Доследното почитување на протоколите ја става ситуацијата под контрола, меѓутоа ќе ја следиме епидемиолошката состојба и заеднички ќе носиме одлуки во интерес на граѓаните“,
рече Шахпаска.
Таа додаде дека мерките може да зависат и од состојбата на секоја градинка посебно, односно од бројот на позитивни случаи што би се јавил.
