Измислените изјави од градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, дека јадел по ресторани сосила, за да им помогне на угостителите, ја доведуваат јавноста во заблуда.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) реагираат дека со пренесување вакви сатирични изјави кои градоначалникот не ги искажал никаде, а притоа се пренесени од сериозни медиуми, се доведува ширење на дезинформации.
„Иако станува збор за содржина од сатиричен карактер, медиумите кои во јавноста се препознаваат како професионални не треба да го занемарат фактот дека ваквите содржини лесно можат да бидат прифатени од пошироката јавност како вистинити, особено ако темите се во контекст на актуелни политички случувања. Станува збор за објавата во неколку медиуми во која се вели дека градоначалникот на Струга Мерко ‘јадел често и на сила само за да ги помогне угостителите, а за тоа било платено од страна на општината’, при што на крајот од текстот е наведено : ‘Прочитајте ја целата сатирична вест на порталот „Кооперација’“,
се вели во соопштението од ЗНМ.
Од ЗНМ и СЕММ им укажуваат на медиумите доколку користат вакви објави, кои имаат сатирична содржина, како што се наведува, најмалку што можат да направат уредниците е на многу јасен начин, на почетокот на текстот, да истакнат дека станува збор за измислена содржина.
„Притоа треба да се свесни за можноста од дезинформирање на граѓаните, особено имајќи предвид дека читателот неретко се задржува на насловот и кратко поминува низ содржината на објавата. Во услови кога ширењето дезинформации е сериозен проблем, несоодветното и неодговорното користење сатирични содржини, кое привлекува големо внимание и на социјалните мрежи, во јавноста може да се толкува како тенденциозен обид за злоупотреба на медиумот, правејќи штета на угледот не само врз конкретна индивидуа, туку и на општествените процеси“,
стои во соопштението од ЗНМ и СЕММ.
