Тобиас Цех, пратеник од Христијанско социјалната унија (ЦСУ) е уште еден од низата пратеници кои го вратија мандатот во Бундестагот.
Како што пишува германски Шпигел, причина за ова се обвинувањата за Цех дека преку консултантска фирма вршел услуги за македонската политичка партија ВМРО-ДПМНЕ во времето кога Никола Груевски беше нејзин претседател.

Германскиот пратеник ги демантирал наводите, но одлучил да се повлече од функцијата пратеник со цел, како што образложил да ги отфрли потенцијалните предрасуди.
Како што објавува Шпигел, приватната фирма на Цех примала петоцифрени хонорари за консултантски услуги на ВМРО-ДПМНЕ.
„На чело на партијата беше корумпираниот политичар Никола Груевски“, пишува весникот.
Во текот на 2016 и 2017 година германскиот пратеник во повеќе наврати се среќавал со Груевски и тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
За една од тие средби своевремено известуваше и прес-службата на ВМРО-ДПМНЕ. Се работи за настан од септември 2016 година, кога делегација на ВМРО-ДПМНЕ беше во посета на Берлин со цел работна средба со, како што известија тогаш, „петнаесетина германски политичари од најголемите германски партии и стопанственици“.
Меѓу наведените политичари и стопанственици, на средбата бил и Тобиас Цех, за кого од прес-службата на ВМРО-ДПМНЕ тогаш појаснија дека е претседател на извршниот одбор на Фондацијата на семејни бизниси во Германија, пратеник и член на комитетот за труд и социјални прашања и економски корпорации и развој.
Следната година, Груевски и Цех имале повторно средба во Малта, на конгресот на ЕПП.