Случајот со заминувањето на одмор на владините функционери Драги Рашковски и Љупчо Николовски во Мексико и во Дубаи среде пандемија е доказ дека криза има, ама само за народот, велат од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што бараат обајцата да понесат политичка и морална одговорност со оставка.
„Народ гладува, повеќе од половина милион граѓани живеат со под 2 евра на ден, 55 000 ги загубија своите работни места, 6 200 фирми се затворија. Владее општа мизерија, заради власта која е неспособна, а Љупчо Николовски – Путерот и Драги Рашковски, баш во овој момент решија да се почестат одмори во Дубаи и Мексико од по десетици илјади евра. Ова се луѓе одлепени од реалноста и забегани од криминалот“,
рече пратеникот Бране Петрушевски, кој вчера на Фејсбук ја објави информацијата дека Рашковски заминал во Мексико.
Рашковски, кој работи како секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализацијата на владината програма деновиве е актуелен во јавноста по сториите на „360 степени“ дека како генерален секретар на Владата набавил софтвер кој, иако платен, не е ставен во функција, а МВР, каде што треба да се користи, се изјасни дека не му треба. Но случајот не застана тука, туку клопчето се одмота до таму што софтверот кој го набавил Рашковски е оној што тој самиот го создал, а тоа, и покрај неговите негирања вчера, го потврди Националната асоцијација на иноватори која застана во негова одбрана.
Во меѓувреме, се појави информација дека Рашковски со семејството пред неколку дена од скопскиот аеродром заминал за Мексико, што и тој самиот вчера го потврди, објаснувајќи дека е на одмор до 31 март.
По шпекулациите и за вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски дека и тој е на одмор, денеска стигна потврда – и за тоа Николовски користел преостанат годишен одмор од лани заклучно со денеска.
*Сите стории поврзани со набавката на софтверот може да се прочитаат на следниве линкови:
Асоцијацијата на пронаоѓачи го разголи Рашковски: Софтверот е негов
(ВИДЕО) Рашковски прво го платил софтверот, па дури потоа го тестирал