Осумдесет и една илјада млади во земјава лани добиле ваучери за купување домашни производи, како дел од антикризните мерки на Владата, или вкупно се потрошени околу 4 милиони евра. Но, ветените 50 евра по човек не стигнаа секаде каде што требаше. Ова е само една од мерките што требаше да им помогнат на младите во корона-кризата. Дел до младите се жалат дека не добиле никаква помош, иако сметаат дека ги исполнуваат условите за тоа.
Нема јавно достапна анализа колку младите виделе аир од останатата помош и кои се ефектите од тоа
Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје ги отвори вратите и оваа академска година, но за намален број студенти поради пандемијата. И со помалку станари, тој е дом на млади од различни краеви на земјава, запишани на различни факултети. Сите жители на домот спаѓаат во категоријата што доби ваучери од по 3 000 денари за домашни производи. А единствен услов било да се млади лица со наполнети 16, но не постари од 28 години, кои учат средно или студираат. Но…
„ Дали вие лично добивте некаков ваучер?
Лично не добив никаков ваучер. Не бев запознаена, не знам.“
„Не знам, не бев ништо ни информирана за тоа.“
„За едното добивме ваучер од 3 000 денари, а следното што беше, мерки од 6 илјади, не добивме.“
„Не добив никаков ваучер, немав ни информации за такво нешто. Така што, не сме добиле ништо.“
„Дали добивте нешто? – Не. – А се пожаливте? – Не.“




Од оние студенти што биле дел од универзалната мерка за „Купувам домашно“, побаравме одговор што може да променат 3 000 денари во животот на еден млад човек?
„Па не можат многу, ама за домашни производи главно.“
„Хмм.. за што ги искористив… Хаха, не знам.“
„Можеби не е најсоодветно искористено – за патики, ама тогаш тоа ми требало.“
„Купив тетратки, таква работа, првенствено што ми треба за факултет.“




Без платежни картички, останале голем дел од студентите на државниот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Универзитетското студентско собрание, со досегашниот лидер Борјан Ефтимов, собрало околу 2 700 приговори на студенти за неоправдана исклученост од паричната помош. Дел биле прифатени, а дел не. Според Ефтимов, 300 студенти само од УКИМ воопшто не се ни обиделе да реагираат.
„Немаше директна консултација при креирање на мерките. Зошто беше тоа така, не би можел да знам. Целиот процес беше една класична бирократија, како и сѐ во државава. Со објавување списоци, приговори, одговори по приговори итн. Се јави група студенти кои ни испратија приговор, не верувајќи дека институциите ќе одговорат, па имаше проблеми. Не знам дали тие сите добија средства“,
вели Ефтимов за „360 степени“.

Освен универзалната мерка од 3 000 денари, за младите имаше уште неколку антиковид-мерки. Но, патот до тие пари подразбираше неколку услови и апликација.
Вкупно 1 524 средношколци од семејства со ниски примања аплицирале за ваучери за прибор. По 3 000 денари добиле само 98 апликанти, за што од буџетот се одвоени вкупни 4 800 евра. Од студентите од загрозени семејства вкупно 2 886 аплицирале за парична помош за партиципација на факултетите или за домување. Само 972 студенти добиле по 6 000 денари по оваа основа, што го чинело буџетот 95 000 евра.
Од третиот вид помош, до 30 000 денари за ИТ-обуки, одобрени биле 2 500 ваучери, а мерката ја искористиле 2 136 млади луѓе. Државата, од заедничката каса, потрошила 772 000 евра. Или, по трите основи за мерки кои биле условени со критериуми и апликација, 3 206 млади добиле околу 872 000 од буџетот, пред сè за ИТ-обуки.

Ова се единствените сумирани податоци за антиковид-мерките за млади до кои успеавме да дојдеме. За одбиените барања, МОН ни одговори дека кандидатите не исполниле дел од условите. Не добивме информација што добија младите кои иако се на возраст за на училиште или факултет, сепак, не се дел од образовниот процес.
Студентот Благојче Трошевски од Православниот богословски факултет не добил ниту од платежните картички што се делеа по автоматизам, ниту за домување, за што лично аплицирал. Но, решил да не се откажува и за секоја мерка приговарал поединечно.
„Ниту еден мој поднесен приговор не доби повратно образложение, ниту еден“,
сведочи Трошевски.
Тој потекнува од Смилево, од каде што моментално следи онлајн-настава. Кога мора да е физички присутен на факултет, престојува во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје. За него тие 3 000 денари се многу важни.
„Видете, во време на корона сите сме свесни дека финансиските средства во фамилиите, дома ни се намалени. Тие 3 000 денари за мене би претставувале навистина голема помош. Пример, за илјади денари можеш да купиш многу работи, млеко, житарки или нешто друго, ако ништо барем можеш доручек да направиш и да поминеш. Искрено, на почетокот ми беше мило, излегоа со таков став дека ќе им се помогне на студентите, дека еднаш барем студентите во некоја работа ќе бидат вклучени или ќе бидат ‘наградени’, ама е многу тажно што поголем број од студентите не добија, а многу мал дел добија“,
објаснува Трошевски.
Паралелно, за да им олесни на родителите кои поради хронични заболувања морале да отсуствуваат од работа, Трошевски се обидува да заработи џепарлак во скопско кафуле.
„Еве, стриктно за таму јас каде што работам, сега е намален капацитетот на гости, намален е бакшишот, намалена е дневницата, намалено е работното време и навистина е малку зафркнато. Ама сега реално, да даваме пакети за помош и тие истите да ги користиме ние за да купиме патики или тренерки, а некој стварно нема да си купи за јадење навечер и да седи со празен стомак на 200 и кусур километри од дома е малце бесмислено“,
додава студентот.

Колкав дел од младите биле опфатени со антикризната помош се обиделе да дознаат и од независната истражувачка организација „Реактор“. Истражувачите поминале макотрпен процес за да го пресметаат аирот од владините мерки.
„Не сме сигурни ниту, пак, државата знае колку млади примиле, а со тоа да стигнеме до одговорот колку млади се изоставени од ваквите мерки. Самата држава не ги гледа на тој начин, не ги сегрегира податоците. Државните институции ги интересира дека сте ја добиле помошта, не ги интересира какви се условите, што може да се подобри и слично. Така што е навистина тешко, многу лични приказни произлегуваат од целокупниот пристап на Владата, но генералната слика е дека, за жал, најголем ефект од кризата го почувствуваа младите“,
вели Блажен Малески, истражувач во „Реактор“.

Владата помислила и на младинските невладини организации. По нејасни критериуми, извршната власт контактирала со 100 вакви организации и на крај одлучила да им помогне на 50, преку исплата на минимални плати за вработените. Од тие 50 организации, како на пример „Реактор“, неколку ја одбиле помошта. На крајот, 250 млади вработени во 42 невладини организации добиле неколкумесечна минимална плата, што државниот буџет го чинело 163 000 евра.
„Она што е важно да имаме на ум е дека ваквиот процес можеби требаше да биде потранспарентен. Не Владата да бара младински организации, туку да отвори повик за оние организации кои стварно се во финансиска неволја. Во документите само се бараше колку вработени има организацијата“,
тврди Малески.
Млади погодени од кризата може да се бараат и во другите категории, како спортски работници, уметници, работници во сите сектори, но и сопственици на бизниси. Тие влегуваат во други групи на кои им следува помош, како за повремена исплата на минимална плата во бизнисот со пари од буџетот. Но, колку навистина биле опфатени – нема јавно достапна ревизија. Марија Јовановска од Скопје е млада бизнисменка – сопственичка на туристичка агенција со петмина вработени, чиј бизнис е на „стенд бај“. Добиле неколкумесечно покритие од државата за минимални плати и дополнителни 7 000 евра од помошта за туристичките агенции.
„Сметавме дека со тие пари ќе се покријат дел од загубите, ние практично со тие неколку плати што ги имаме пуштено, тие 7 000 евра ги покриваат тие. Што ќе се случува во перспектива, немаме никаква најава“,
вели Јовановска.

Јовановска во бизнисот има две пропаднати туристички сезони, и зимска и летна, но сака да го задржи компактниот работен тим.
„Значи, во исто време плаќаме кредити, размислуваме како да ја пуштиме платата за февруари кога нула денари имаме заработено за тој месец. Сакаме барем минимална плата да им овозможиме на вработени, но секој ден размислуваме како и не наоѓаме решение“,
вели Јовановска, која сведочи дека не им е лесно и на младите што започнале бизнис.
„360 степени“ побара податоци од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за опфатот и успешноста на економските антикризни мерките кај младите до 29 години. Ни ветија, но не ни одговорија.
Релевантни домашни истражувања веќе покажаа дека младите го претрпеа најголемиот економски удар од почетокот на пандемијата. Тие беа први на листите за отпуштање или за намалување на платата. Во отсуство на дијалог, младите јавно порачуваат дека ако некој воопшто размислува за идни мерки, да не се доделува паушална помош, туку парите да завршат кај оние на кои им се најпотребни.
„Да се замине од тој пристап на чадор-политики, односно обид сите да се опфатат со одредени мерки, бидејќи можеме да заклучиме дека младите се оние што ги почувствуваа најмногу ефектите од кризата. Втората работа е дека навистина треба и младински организации да седат на иста маса кога се креираат мерките за млади, бидејќи од она што можеме да го видиме и генерално како граѓански сектор, Владата многу повеќе се концентрира на спасување на работодавачите отколку на самите луѓе и млади“,
советува Малески од „Рактор“.
„Ние можеме да бараме по 100 000 евра за секој студент, меѓутоа мора да ја знаеме реалната ситуација и до каде сме расположени, за да знаеме што и како да постапиме. Нашето најголемо барање беше да се таргетираат најпогодените слоеви. Во иднина лично препорачувам да се таргетираат оние на кои им е најпотребна помош“,
апелира Борјан Ефтимов, досегашен лидер на Универзитетското студентско собрание.
Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската Влада.
