Орце Камчев доби 30 дена притвор поради опасност од бегство. Притоворот е изречен на барање на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, по индиции од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека тој планирал бегство.

Тони Менкиновски, кој како адвокат го придружуваше Камчев за време на распитот пред судија на претходна постапка, оцени дека изрекувањето притвор е без докази, туку само на индиции дека тој ќе замине од државата, бидејќи, како што рече, двата пасоши (македонскиот и бугарскиот) на Камчев се во суд, а има приложено и гаранција во имот.
„Ова е садизам. Да се изрече ваква мерка на ваков ден Прочка е израз на садизам на институциите на системот. Обвинител од Радовиш денеска пред судот побара поради некаква си индиција, службена белешка од АНБ дека ќе бега, да му се изрече мерка притвор. Двата пасоши на Камчев се во судот, има дадено капитал како гаранција и дури и да сака не може да замине“,
рече Менкиновски.
Тој рече дека одлуката е срам за државата, дека се користи за дневно-политички цели и се надева дека оваа мерка брзо ќе падне пред Европскиот суд за човекови права.

Тој во изјавата го оспори кредибилитетот на обвинителката Лиле Стефанова која ја застапува истрагата за „Плацовите на Водно“, истакнувајќи дека против неа има кривична пријава и поради тоа не може да ја води истрага.
Исто така, Менкиновски ја коментираше и службената белешка од АНБ, според која, имало индиции дека Камчев планира бегтво, истакнувајќи дека тоа можеби е поврзано со најавата дека Камчев треба да сведочи во случајот „Меѓународен сојуз“.
„Службената белешка доаѓа од институцијата каде што работи сопругот на Фросина Ременски, каде тој мислам дека е и на раководна функција, против која Камчев требаше да сведочи неделава. Ако ова е начин да се сопре тој да сведочи, ова е срам, бидејќи сега судењето ќе се одложи, па целата постапка ќе се одолговлекува, не е толку едноставно“,
рече адвокатот на Камчев.
Менконовски уште кажа дека Камчев бил приведен утрово околу 8.30 часот во полициската станица во Карпош.
