Основниот кривичен суд во Скопје за в понеделник ја повикал докторката која ја издаде документацијата дека обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, во случајот ТНТ, не може да ги следи судските рочишта поради неговата здравствена состојба.

„Заради утврдување на фактичката состојба, доследно почитување на правата на странките во постапката, како и јавниот интерес за предметот, судот ќе ѝ овозможи на докторката јавно да ја образложи здравствената состојба на обвинетиот и причините за неговата спреченост да присуствува на судењето, за што веќе има издадено соодветна документација“,
информираат од судот.
Судењето за случајот ТНТ вчера и официјално се врати на почеток, но веднаш беше одложено откако Трајковски и неговиот адвокат Јовица Страшевски ја предадоа лекарската документација. Тие не сакаа во судница пред новинарите да зборуваат за здравствените проблеми и го замолија судот дијагнозата да остане тајност. Трајковски на излегување од судот не зборуваше, бранителот го држеше под рака, а потоа тој се врати да им даде изјава на новинарите.
Не сакаше да зборува за детали за состојбата на ексградоначалникот, но рече дека станува збор за последици од претепувањето во декември. Тогаш, кога судењето за ТНТ беше во самиот финиш, Трајковски не дојде на судење бидејќи, како што беше кажано, бил претепан, а паралелно во медиумите се појави и фотографии од состојбата во која се наоѓаше.

Во меѓувреме, токму адвокатот Страшевски, беше најгласен од одбраната во предметот ТНТ преку јавни прозивки до Судскиот совет и Судот, но и до поротничката во однос на нејзиниот четиригодишен мандат. За мандатот адвокатите тврдеа дека е истечен, а судот сметаше дека поротничката треба да работи додека Судскиот совет не констатира прекин на мандатот. Но, до такво нешто не дојде бидејќи поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска пред два дена самата си даде неотповиклива оставка, со што поради промена во составот на судечкиот совет, судскиот процес се врати на почеток.
Вчера предметот почна одново, но, бидејќи се одложи рочиштето поради здравствената состојба на Трајковски, јавноста немаше можност да слушне дали одбраната ќе се согласи само формално да се прочитаат доказите или ќе бара секој доказ да се изведува одново и повторно да се повикуваат сите сведоци.
Како што е познато, случајот ТНТ се однесува на незаконското рушење на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, а покрај Трајковски обвинети се ексминистерот Миле Јанакиески, бившиот премиер Никола Груевски и уште четири лица вклучени во процесот на уривање.